Министерот Димовски во обиколка на Охридското крајбрежје

Дата на објава: 
4 Март 2010

Во рамките на активностите на координативното тело на Владата за справување со последиците од поплави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, денеска беше во посета на крајбрежниот појас на Охритско Езеро и локациите во Пештани,Радожда и Калиште.Министерот Димовски истакна дека состојбата со нивото на Охридското Езеро е под контрола, односно дека не се очекува да дојде до натамошно покачување на водостојот.

 

- Нивото на водата во Охридското Езеро денеска е непроменето во однос на изминатите денови. Од Управата за хидрометеоролошки работи се прогнозира  дека не се очекува да дојде до зголемување на нивото на водата во езерото затоа што максимално се отворени капиите на изливот во Црн Дрим. Она што може да истече од Охридското Езеро како количина по кубен метар во секунда е таква што ни дава за право да очекуваме дека нема да дојде до зголемување на водостојот на езерото, рече министерот Димовски.

 

По однос на влошувањето на временските прилики односно дождот што повторно го зафати регионот, Димовски не очекува оти ќе доведе до зголемување на нивото на езерото. - Интензивно се анализираат сите можни излезни ситуации и за таа цел веќе имаме воспоставено и соодветна комуникација со локалната самоуправа, мислам дека и тие е добро да за вклучат, така што можам повторно да кажам дека ситуацијата е под контрола односно дека овие напори што ги вложуваме и работите што се изведуваат на терен ќе бидат доволни за да можат да се избегнат какви било несакани последици, нагласи тој.

 

Министерот повтори дека Владата односно Координативното тело ги вложува сите усилби за да може да им излезе во пресрет на сите барања на граѓаните, во смисла на нивна заштита.

 

- Сакам на овој начин да им влеам сигурност и да ги смирам граѓаните дека навистина ситуацијата е под контрола и не е опасна, рече тој.

 

Димовски додаде дека денеска продолжуваат активностите што беа започнати во текот на вчерашниот ден, од поставување поситен и покрупен песок и камен долж езерскиот брег со цел заштита на патниот правец кон Пештани, работите што ги изведуваат припадниците на Дирекцијата за заштита и спасување и АРМ кај Радожда од другата страна на езерото, до поставување вреќи со песок покрај Кејот во Охрид, со цел негова заштита од евентуални бранови што би можеле да се појават.