Дата на објава:
28 Јуни 2018Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Неготино одржа работна средба со лозарите од тиквешкиот регион. Оваа средба се одржува на еден месец пред бербата на годинешното грозје, со цел навреме да се планира откупот на годинешниот род. Ваков тип на средба министерот Николовски одржа и со винарските визби. На денешната средба министерот Николовски ги информираше лозарите за мерките што ги презема МШЗВ во делот на лозарството, како и за првичните проценки за план за откуп на грозје што го имаат доставено винарските визби.
„Веќе имавме средба со винарските визби и се доставени првичните проценки за откуп на винарските визби.Оваа година винарските визби немаат залихи и ќе побаруваат околу 150 илјади тони грозје.Денеска сме на средба со лозарите која ја одржуваме навреме пред бербата. Во следниот период ќе разговараме заеднички, МЗШВ ќе биде постојано медијатор и ќе го води овој дијалог помеѓу лозарите и визбите, се со цел како и за другите земјоделски производители, активно да го следиме производството и откупот, и како држава да реагирама навреме тогаш кога е потребно. Во делот на лозарството, како Влада покажавме дека постојано носевме одлуки во интерес на лозарите“, посочи министерот Николовски.
Министерот Николовски информираше дека денеска и вчера за земјоделците од неготинскиот регион се исплатени над 25 милиони денари за обештетувањата од временските непогоди што се случија минатата година, односно мразот. А, вкупно и за дел од останатите региони од државата, денеска и вчера по основ на обештетувања Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати околу 89 милиони денари. Пред неколку недели се исплатија околу 100 милиони денари по овој основ за преспанскиот регион. Преостанатите исплати на обештетувањата ќе се реализираат во текот на следната недела.
Министерот потенцираше дека минатата година се исплаќаа заостаните субвенции за лозареството од 2016 година, за 10 отсто со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година се зголемија субвенциите за одржување на лозови насади, односно од 40.000 денари по хектар на 44.000 денари, а поради намалениот род, Владата донесе и дополнителна мерка од 2 денари за килограм грозје предадено во регистрирани винарски визби. Овие субвенции заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се исплатија навреме пред почетокот на новата производствена сезона
„Најголем дел се исплатени во декември 2017 година и во јануари, или вкупно над 745 милиони денари пред новата производствена сезона исплативме за субвенции за одржување на лозови насади и дополнителна поддршка од 2 денари. Оваа година воведовме нови мерки, сите кои имаат помеѓу 1 и 10 хектар ќе добијат 20 отсто повиски субвенции за одржување на лозови насади, и ова е дел од нашите од нашите развојни мерки за лозарството. Со дополнителни 12.000 денари по хектар ќе се поддржуват сите лозари кои ќе извршат промена на сортатиментот на насадите, мора да се научиме да го модернизираме земјоделството и да создаваме конкурентни произоди. Зголемен е интересот за мерките од ИПАРД 2 Програмата од страна на винариите и лозарите и тоа се плус пари во земјоделството“, изјави министерот Николовски.
Николовски појасни дела МЗШВ ќе ги објави производствените цени на годинешното грозје, што е обврска на министерството и што ќе биде основ за дијалогот со лозарите и винарските визби. Во делот на начинот на исплата, Николовски посочи дека МЗШВ континуирано ќе ја следи состојбата на терен, и ќе се земат во предвид предлозите на лозарите во измените на Законот за вино.