Дата на објава:
20 Мај 2018Во рамки на меѓународната министерска конференција за „Значењето на пчелите и другите опрашувачи за одржливо земјоделство и безбедност на храна“, што се одржува во Брдо при Крањ, Република Словенија, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, имаше работна средба со генералниот директор на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации - ФАО , Хозе Грацијано да Силва.
На средбата се дискутираше за работата на техничките групи на МЗШВ и подготовката на програмската рамка на ФАО за Република Македонија за периодот 2018-2020 која ќе се потпише за време на 10-тата регионална конференција LANDNAT која ќе се одржи во Скопје од 19-21 Јуни. Со ова се идентификувани областите за кои ФАО ќе обезбеди техничка и финансиска помош за Република Македонија.
Министерот Николовски на средбата потенцираше дека после 10 години, МЗШВ ќе назначи свој постојан претставник во мисијата на ФАО во Рим.
Генералниот директор Хозе Грациано да Силва изрази силно уверување дека ФАО ќе се вклучи активно и ќе ги ангажира сите свои капацитети како главен партнер на МЗШВ при отпочнување на преговорите со Европската унија и отворање на поглавјата за земјоделство, рурален развој и безбедност на храна.
Воедно, генералниот директор ја презентираше финансиската рамка за Зелениот климатски фонд чија вредност е 250 милиони евра.
Оваа иницијатива е приоритет за МЗШВ, и Република Македонија ќе се најде во портфолиото на овој фонд со свои проекти за справување со климатските промени и редуцирање на нивното штетно влијание врз земјоделското производство.
На средбата генералниот директор на ФАО го покани министерот Николовски да присуствува на Комитетот за земјоделство на ФАО кој ќе се одржи во октомври во Рим со што после долг период Република Македонија ќе добие важна и активна улога во изработување и донесување на идните земјоделски политики на светско ниво.Инаку со финансиска помош на ФАО во соработка со МЗШВ во тек се повеќе проекти, како проектот за консолидација на земјоделското земјиште, проектот за „Проценка на земјоделското производство преку агро-еколошко зонирање и информативен систем за управување со земјишни ресурси – Реонизација“, проект за дрвна енергија, проект за “Развој на зелен и компетитивен сектор за бројлери кој придонесува кон намалена сиромаштија и подобрена исхрана на населението”, проект за проценка на методологијата за спроведување на национален инвентар на шумите, кои се од исклучително значење за развојот и модернизирањето на македонското земјоделство.