Николовски: Со проект од ИПА, земјоделците ќе добијат нови еколошки системи за наводнување

Дата на објава: 
20 Февруари 2018
IMG_2773.JPG

Министерот за земјоделство, шумарство и водосопанство Љупчо Николовски  денеска заедно со г-ѓа Вирве Вимпари, од Делегацијата на Европската унија, го најавија започнувањето на проектот "Мали, нискотрошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување: избирање на локации и подготовка на целосно тендерско досие за изградба “. Проект  во вредност од околу 1,7 милиони евра, е финансиран од Инструментот за претпристапната помош –ИПА на Европската унија. Проектот за услуги финансиран од Националната програма ИПА 2013 се спроведува во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поточно во Управата за водостопанство.

Министерот Николовски посочи  дека целта на овој проект е да придонесе за зголемување на конкурентноста на земјоделскиот сектор, да се одржат приходите од земјоделството и да се ублажат негативните ефекти од климатските промени во земјоделството преку промовирање на мали системи за наводнување со ниски трошоци кои ќе бидат прифатливи за животната средина.

„Со овој проект ќе се идентификуваат 6 до 8 локации со големина до 300 хектари, на кои им се најпотребни системите за наводнување, а потоа ќе бидат подготвени проектите за инвестициите кои ќе следат.  Министерот истакна дека состојбaтa со системите за наводнување е не задоволителна. Во некои региони системите за наводнување се нефункционални и руинирани, поради што е неопходна итна рехабилитација како и изградба на нови хидросистеми. Со оглед на тоа дека значителен дел од руралното население егзистенцијално зависи од приходите од земјоделството, руралните заедници се особено ранливи, затоа ќе биде потребно е да се подобри наводнувањето, вклучувајќи ги и малите системи за наводнување, токму за оние земјоделци кои од тоа живеат а немаат пристап до вакви системи“, изјави министерот Николовски.

Од Европската унија посочувија дека според Светска банка земјоделството е еден од секторите кои се чувствителни на климатските промени и оти мора да се направи усогласување на земјоделските политики со овие промени за да се заштитат од ризици земјоделството и сточарството.

„Се очекува поради сушите, сите земјоделските региони да бидат погодени што подразбира големи загуби за земјоделците. Една од мерките е да се обезбеди пристап до наводнување на земјоделските региони кои ќе бидат најпогодени од климатските промени, истакна Вирве Вимпари“, раководител на Одделот за оперативни работи на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Министерот Николовски посочи дека со Националната програма за земјоделство и рурален развој, крајната цел е да се зголеми потенцијалот за наводнување на 250.000 хектари во наредните 15 до 20 години. преку рехабилитација и изградба на нови системи за наводнување, вклучувајќи и мали системи за наводнување.