- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Во Битола се одржа втората регионална работилница на ФАО за консолидација на земјоделско земјиштеДата на објава: 7 Ноември 2017Денеска во Битола се одржа втората регионална работилница на ФАО за консолидација на земјоделско земјиште. Проектот „MAINLAND“, финансиран од Европската Унија, го споведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Целта на работилницата беше да се зголеми локалната свест и разбирање за придобивките од консолидацијата на земјоделско земјиште за земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште. Консолидацијата односно окрупнувањето на земјоделското земјиште е важен процес за македонското земјоделство, кој ќе придонесе за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на производството, како и за подобра рурална инфраструктура и пристап до системите за наводнување, изјави посебениот советник за земјоделство,шумарство и водостопанство на претседателот на Владата на РМ, Ленче Николовска. „Со консолидацијата на земјоделското земјиште ќе се овозможи секое земјоделско стопанство да поседува земјиште на поголема парцела, со правилна форма, наспроти сегашните мали парцели на различни локации, што ќе значи намалување на трошоците за обработка на земјоделското земјиште, а зголемување на продуктивноста и конкурентноста на земјоделското производство“, изјави посебениот советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на претседателот на Владата на РМ, Ленче Николовска. Главниот технички советник на ФАО и тим лидер на проектот „MAINLAND“, истакна дека консолидацијата на земјоделското земјиште е единствениот начин да се подобри структурата на земјоделското земјиште, односно да се реши прекумерната расцепканост на парцелите и малата просечна површина на земјоделско стопанство во земјата од помалку од 2 хекатри. „Тоа ќе ја зголеми продуктивноста, ефикасноста и конкурентноста на земјоделското производство. Многу западноевропски земји имаат долга традиција на окрупнување на земјиштето (повеќе од 100 години), каде тоа се користи како најефективен инструмент за решавање на проблемите поврзани со расцепканост на земјиштето и малите фарми, како и потребата за подобрување на руралната инфраструктура и оддржливо користење на природните ресурси. Просечната големина на фармите во земјите од Европската Унија е околу 14 xекатри. Окрупнувањето на земјоделското земјиште е почетна точка за создавање на конкурентни фарми и активни земјоделци претприемачи кои се подготвени да се натпреваруваат на европскиот пазар“, порача главниот технички советник на ФАО, Вилма Даугалиене. Учесниците на работилницата имаа можност да се информираат за принципите и постапките за консолидација на земјоделското земјиште, во согласност со соодветниот закон и во насока на спроведување на Националната стратегија за консолидација на земјиште 2012-2020 година. Локалните земјоделци и сопственици на земјоделско земјиште се запознаа со текот на претстојната селекција на најпогодни области за консолидација на земјиште и начинот како да изразат интерес за новите консолидациони проекти во наредните неколку недели.Во изминатите три недели, секторите и подрачни единици на МЗШВ, како и советниците од Агенцијата за развој и поттикнување на земјоделството (АПРЗ)беа обучени како да ги идентификуваат и селектираат најпогодните области за консолидација на земјоделско земјиште и како да работат заедно со земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште при изразување на интерес за локални проекти за консолидација на земјоделско земјиште. Првата работилница за подигнување на јавната свест за консолидација на земјоделско земјиште се одржа минатата недела во Гостивар. Наредните регионални работилници се закажани за 9. и 14. ноември, во Струмица и во Штип. По овие настани, проектниот тим, заедно со претставници на МЗШВ и АПРЗ, ќе спроведе локални информативни состаноци во целните села, со цел да им помогне на потенцијалните кандидати да аплицираат како корисници на проекти за консолидација на земјиште. Овие активности имаат за цел да помогнат воизборот напроектни области со најголем потенцијал и интерес за консолидација на земјоделско земјиште во земјата, кој се очекува да се случи до крајот на декември 2017 година.Проектот финансиран од Европската Унија “Воведување наНационалнаПрограма за консолидација на земјиште” - или „MAINLAND“ – го спроведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) за да обезбеди поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведувањето на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020година. Буџетот на проектот изнесува 2,56 милиони евра (финансиран од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (2,5 милиони евра) и придонес на ФАО (61,2 илјади евра).Истиот ќе се спроведува во времетраење од 3,5 години, почнувајќи од март 2017 до август 2020 година. Главната цел на проектот е да се реши проблемот со фрагментираноста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси. |