Средба на министерот Николовски со новиот градоначалник на Општина Крива Паланка, Мицевски

Дата на објава: 
27 Октомври 2017
22850388_10156244215255628_1304955037_o.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска имаше работен состанок со новиот градоначалник на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

На состанокот Николовски и Мицевски, ги дефинираа приоритетите во однос на соработката на МЗШВ и Општината Крива Паланка, во делот на земјоделството и руралниот развој.

Министерот Николовски посочи дека МЗШВ ќе биде отворено за соработка со локалната самоуправа на Крива Паланка, со поддршка преку мерките од Програмата за рурален развој, за кои општината може да аплицира.

Дел од мерките од оваа Програма,  како што се мерките за „Изградба на локална патна инфраструктура“, „Изградба на водоснабдителни и канализациони системи“, „Изградба на објекти и набавка на опрема за организирање на продажба на жив добиток во руралните средини“, „Изградба на објекти и опрема за домови за деца и млади и домови на култура во населени места во руралните средини“, се од особено значење за развојот на општината, и се од интерес за сите граѓани на Крива Паланка. Искористувањето на овие мерки ќе доведе до подобрување на условите за живот во општината.

Особено значајна е мерката за финасиска помош на млади земјоделци да започнат сопствен бизнис, која ќе придонесе за спречување на миграцијата на младите луѓе и за унапредување на земјоделството, преку внесување на нови и модерни технологии.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Мицевски изрази задоволство од интензивирање на соработката и поддршката од страна на МЗШВ до локалната самоуправа преку Програмата за рурален развој, се со цел подобрување и  унапредување на локалниот и руралниот развој на општините.