- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Николовски: Работиме на решавање на проблемите со кои се соочуваат пчеларитеДата на објава: 21 Октомври 2017Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска во Кочани, ја отвори манифестацијата „ Денови на македонскиот мед Кочани 2017“, на која што се изложени различни видови на пчлени производи од целата држава, како и опрема за пчеларење. Министерот Николовски им порача на присутните производители на пчелни производи, дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, е во постојан со пчеларските здруженија, со цел да се изнајдат соодветни мерки за решавање на проблемите, кои што ќе бидат во корист на пчеларите. Оваа година од аспект на временските прилики беше исклучително лоша за целиот земјоделски сектор, вклучително и за пчеларството, кое што претрпе големи штети поради екстремно ниските температури и поради сушата. „Работиме на решавање на проблемите со кои се соочуваат пчеларите, меѓу кои е и нелојалната конкуренција, која што им создава дополнителни проблеми на пчеларите. Нашата заложба за развој на оваа значајна стопанска гранка, ќе ја продолжиме и во следниот период, преку продолжување на финансиката поддршка за пчеларството со мерките во Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Би сакал да напоменам дека со нашето доаѓање во министерството, меѓу првите исплати што ги спроведовме, беа за субвенции за пчеларите. Во еден ден исплативме над два милиони евра субвенции за пчелни семејства“, изјави министерот Николовски. Оваа манифестација е одлична можност за граѓаните да се запознаат со врвните македонски пчелни производи, а за пчеларите, да разменат искуства кои ќе им помогнат во унапредување на производството. Пчеларството е гранка која има посебен придонес во земјоделскиот сектор, од една страна поради големото биолошко значење на медоносните пчели при опрашување на фуражните, индустриските и овошните култури, но , од друга страна од пчеларството произлегуваат високо вредни пчелни производи. Министерот Николовски посочи дека Македонија има одлични природни услови за развој на пчеларството, но неопходни се соодветни системски мерки за комплетно искористување на природните потенцијали во полза на пчеларството, на што како министерството ќе посвети сериозно внимание. Креирањето на идните политики на МЗШВ ќе бидат во насока на развој на унапредување и создавање на конкурентни производи со висока додадена вредност. Според официјалните податоци од надлежните институции, во Република Македонија има повеќе од 6.500 одгледувачи на пчели и околу 234 илјади пчелни семејства. |