Николовски: Искористувањето на средствата од ИПАРД програмата е највисок приоритет на Владата на Република Македонија

IMG_7656.jpg

Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска присуствуваше на конференцијата за официјалното завршување на твининг проектот "Понатамошно зајакнување на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и подготовка на Агенцијата за програмскиот период 2014-2020“, проект кој што е финансиран од Инструментот за претпристапната помош (ИПА) на Европската унија.

На конференцијата беа презентирани резултатите од твининг проектот и понатамошните чекори.

Твининг проектот финансиран од Националната програма ИПА 2011-та година се спроведуваше во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, а твининг партнери  беа Агенцијата за претприемништво на Холандија,  Агенцијата за земјоделски регистри и информации на Естонија, Земјоделскиот истражувачки центар на Естонија и Агенцијата за земјоделски пазари и рурален развој на Република Словенија. Целта на проектот беше да придонесе кон поефикасна реализација на ИПАРД 2 Програмата, како и поголемо искористување на финансиските средства од ИПАРД Програмата.

Една целите на проектот беше да и се даде поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во процесот на реакредитација на постоечките мерки односно на мерките: „Инвестиции на физички имот на земјоделски стопанства“, „Инвестиции на физички имот за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи“, „Диверзификација на фарми и развој на бизнисот“ како и мерката „Техничка помош“. Но, покрај поддршката за овие мерки, твинингот помогна и за подготовка на акредитациските пакети за мерките: „Спроведување на стратегии за локален развој - ЛИДЕР пристап“, „Инвестиции во руралната инфраструктура“ и „Поддршка на советодавните услуги“ кои треба да се акредитираат во следниот период.

Исто така, твининг проектот придонесе и во зајакнување на административните капацитети на Агенцијата,  како и во поддршка во програмирањето и спроведувањето на новите мерки.

„Искористувањето на средствата од  ИПАРД  програмата е највисок приоритет на Владата на Република Македонија и веќе се преземени соодветни мерки за зголемена  апсорбција на ИПАРД 2 средствата како што е  воспоставувањето на гарантниот фонд, кој ќе им помогне на корисниците за предфинансирање на инвестициите. Воедно интензивно се работи и се ангажираат меѓународни експерти за подигнување на ефикасноста на советодавните услуги  и капацитетите во Платежната агенција. Исто така изготвен е акционен план за зајакнување на административните капацитети и зголемување на јавната свест за придобивките од ИПАРД мерките. Македонија има голем природен потенцијал за квалитетно и конкурентно земјоделско производство, но за комплетно искористување на овие потенцијали и поголеми ефекти, од особена важност е едукацијата на земјоделците за значењето на мерките од ИПАРД Програмата. Мерки,  кои ќе помогнат во доближувањето на македонското до европското земјоделство и во создавањето на конкурентни производи со висока додадена вредност3, изјави министерот Николовски.

Амбасадорот на Република  Словенија Милан Јазбец, порача дека институциите треба да се способни да ја подготват потребната документација, да ги спроведат регуларно процедурите и да овозможат средствата да дојдат до вистинските корисници.

„Не е важно само да се дојде до парите, туку многу побитно е како тие правилно да се искористат“,  потенцира Јазбец, додавајќи дека е клучно да се научи како да се направи добар проект.

Според директорот на Платежната агенција на Словенија Бенедикт Јеранко, Македонија е на прав пат.

„Треба да се зајакнат одредени административни капацитети, но можностите секако ќе се подобрат. Европските процедури се релативно комплицирани и тоа го почувствуваа сите земји- кандидати за членство во ЕУ“, изјави Јеранко.

Според Андри Ван Менс од Холандската амбасада, македонското земјоделство има голем потенцијал, но за негово искористување од особено значење е улогата на Платежната агенција. Таа мора да има капацитет за повлекување на средствата од ЕУ- фондовите.

„Не е важно само колку ефикасно ќе се искористат европските пари во Македонија, туку и начинот на целиот процес треба да биде транспарентен“, изјави  Ван Менс.

Директорот на македонската Платежна агенција Николче Бабовски, информира дека досегашните ревизии на Брисел за искористувањето на ИПАРД- средствата во земјава покажаале дека, како што истакна, не сме на задоволително ниво.

„Резултатите од ревизијата допрва ги очекуваме. Затоа се и овие проекти, за да ги усвоиме искуствата на другите земји, да ги подобриме административните капацитети и да реализираме поголема апсорпција“, подвлече директорот, додавајќи дека неопходни во целиот процес се кадровскиот капацитет и усогласувањето на македонското со европското законодавство.

Твининг- проектот за јакнење на Платежната агенција се спроведуваше 22 месеца со финансиска поддршка од ЕУ во износ од 1,5 милиони евра.