МЗШВ: Лага е дека незаконски се врши пренамена на земјоделско земјиште

Дата на објава: 
17 Септември 2017

Лажни и невистинити се објавите на опозициската ВМРО ДПМНЕ, дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство  незаконски и нелегално врши пренамена на земјоделско земјиште во градежно. Нивната цел е јасна- манипулирање и сервисирање на лажни информации на јавноста и оцрнување на новата Владата.

Најодговорно тврдиме дека МЗШВ работи согласно законските одредби и во таа насока го изнесуваме следното :

 

Согласно член 49-а став 3 од Законот за земјоделското земјиште Владата на Република Македонија на предлог на МЗШВ  донесува одлука за давање согласност за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште. При тоа, во Законот за земјоделско земјиште, нема пропишани одредби со кои е предвидено да се одбие барање за трајна пренамена на земјоделско земјиште, туку секој кој ќе ја достави потребната документација,  МЗШВ е должно да ја достави предлог одлуката до Влада на РМ.

 

Потенцираме дека целокупната  документација за МХЕЦ Тополка со реф.бр.317 е добиена во времето на претходната Влада.

 

Воедно нагласуваме дека барањето за пренамена на земјоделско во градежно земјиште е доставено од страна на Министерство за транспорт и врски до Министерството за земјоделство, (барање бр.17-10260/1 од 22.11.2016  година) кога ова министерство беше под раководство на претходната власт, на чело со тогашниот министер Владо Мисајловски. Во тој период МЗШВ, со месеци не го процесуирале предметот до Владата на Р.М и десетици други предмети од таков вид. Се отвора парашањето зошто не се доставувале предметите? Поради овие причини во следниот период ќе се истражува  одговорноста на поранешните функционери кој раководеа со МЗШВ.

 

Во однос на обвинувањата дека одлуката на Владата е сомнителна и нелегална, нагласуваме дека Министерството за Земјоделство, шумарство и водостопанство достави барање на мислење до Државната комисија за спречување на корупција и доби одговор под бр. 12-4953/2  која во целост ја цитираме:

 

„Од аспект на одредбите од Законот за спречување на корупцијата, a во врска со одредбите од Изборниот законик, од денот на донесувањето на Одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не постои законска пречка Владата на Република Македонија да ја разгледа и да ја усвои Информацијата за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Проект за инфраструктура за изградба на МХЕЦ Тополка co реф. бр. 317 ипридружни објекти КО Дреново, општина Чашка и на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, да ја донесе Одлуката за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Проект за инфраструктура за изградба на МХЕЦ Тополка со реф. бр. 317 ипридружни објекти КО Дреново, општина Чашка, a која ce однесува на реализирање на проект за изградба на објект кој е од јавен интeрес“.

 

Новата реформска Влада работи отчетно и транспарентно и не врши селекција на ваши и наши, како тоа што се случувало во минатото, меѓу кој е и гореспоменатиот предмет.

И во следниот период, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе продолжи да биде сервис на граѓаните и да постапува неселективно согласно законските процедури и прописи.