Средба на министерот Љупчо Николовски со амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли

Дата на објава: 
14 Август 2017

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо  Николовски, денеска оствари средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли. На средбата присуствуваше и директорот на техничката канцеларија на УСАИД, Едвард Гонзалес. На средбата се разговараше за моменталната состојба со шумските пожари и за мерките што ги презема Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство но и другите надлежни институции за справување со пожарите. Амбасадорот Џес Бејли, изрази интерес за меѓуинституционалната координација во справувањето со вакви кризни состојби како што се пожарите.

Потенцирајќи ја досегашната соработка со институциите на САД како што е Американската шумска служба, амбасадорот Бејли рече дека САД ќе ги земе предвид сите барања за помош упатени од наша страна во оваа насока.   Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Николовски, го информираше амбасадорот Бејли за сите преземени мерки и активности што се во надлежност на МЗШВ, но и за идните планови на министерството за превенција од пожари и зголемување на шумскиот фонд.

Воедно, на средбата министерот Николовски, ги презентираше  приоритетните политики на Владата во секторот земјоделство. Како клучни приоритети Николовски ги посочи консолидацијата на земјоделското земјиште, реонизација на земјоделството, инвестиции во системите за наводнување, поддршка за развој на преработувачката индустрија, зголемување на субвенциите за земјоделство но и анализа на ефектите од досегашната распредлба на субвенциите, подобрување на искористувањето на парите од ИПАРД, започнатиот процес на ревизија на доделеното земјоделско земјиште, зголемување на шумскиот фонд,заокружување на системот за безбедна храна, промоција на македонските производи на странски пазари и друго. Амбасадорот Бејли ја презентираше помошта што ја обезбедува УСАИД во земјоделскиот сектор и изрази подготвеност за продолжување на досегашната соработка со Министерството и во индина, со цел да се олесни пристапот на земјоделците до кредити и да се поддржат агро-бизнисите за пристап до меѓунарoдните пазари.