МЗШВ работи со полн капацитет, министерот е на своето работно место, будно се следи состојбата со пожарите

Дата на објава: 
13 Август 2017

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство активно презема мерки и со полн капацитет ги извршува обврските за справување со пожарите. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски е на своето работно место и e посветен на извршување на обврските во соработка со сите надлежни институции за справување со пожарите и превенција од појава на нови пожари.

Според последните информации од Центарот за управување со кризи, најголем дел од пожарите кои беа активни се изгаснати. Пред околу час и половина е локализиран и пожарот кај Крушево. Активни,  но ставени под контрола и без опасност за ширење се пожарите во близина на манастирот Трескавец и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село, кај селата  Крушевица и Бонче, селото Никодин,  и пожарот на м.в.Фрлогоец (Женска планина) на Бистра Планина.

Координативното тело за кризна состојба во која член е заменик-министерот за земјоделство Власте Димковиќ, секојдневно одржуваат состаноци, на кои се даваат насоки и наредби за справување со пожарите.

Согласно Законот за шуми, по барање на ЈП Македонски шуми на 11.07.2017 година, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, даде согласност за делумна забрана за движење во шумата или во одделни нејзини делови, во период од 15.07.2017 година до 15.08.2017 година. Одлуката се донесе пред да отпочне сезоната на шумските пожари, а откако се активираа поголем број пожари, министерот Николовски даде согласност за целосна забрана за движење во шумите или во одделни нејзини делови за периодот 05.08.2017 година до нејзино отповикување. Истовремено министерот Николовски им наложи на Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Шумската полиција, да ги зајакнат контролите на терен. Како министерство, будно ја следиме состојбата со пожарите и работиме на превенција од појава на нови пожари. Владата на Република Македонија во иднина ќе спроведе крупни реформи во системот за справување со  кризи.