- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Работилница за консолидација на земјиште за партнерите на ЕУ проектот ‘MAINLAND’, спроведуван од ФАО во партнерство со МЗШВДата на објава: 4 Јули 2017Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска присуствуваше на работилницата во рамки на проектот „Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште“, финансиран од Европската унија, а спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), во соработка со МЗШВ.
На настанот се обратија и Н.Е. Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на Европската Унија и г. Максим Горган, Специјалист за земјишни политики и рурален развој од ФАО.
Главна цел на работилницата беше да се обединат на едно место експерти за консолидација на земјиште и главните партнери во проектот, вклучително МЗШВ, Националната агенција за развој и поттикнување на земјоделството, Агенцијата за катастар на недвижности, единиците на локалната самоуправа, како и организациите кои ги застапуваат сопствениците на земјоделското земјиште и неговите корисници и да се презентираат клучни информации за консолидација на земјоделското земјиште, како и информации за претстојните активности на проектот MAINLAND, вклучително идентификација и избор на најпогодни региони за консолидација на земјиште во земјата, како и јавна кампања за подигнување на знаењето за консолидација на земјиштето меѓу земјоделците и клучните засегнати страни на локално ниво, и поттикнување на интерес за нивно учество во процесот.
Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, Македонија, со 2,5 милиони евра поддршка од ЕУ и стручност на ФАО, во наредните три и пол години интензивно ќе го спроведува процесот на окрупнување на земјоделското земјиште преку проектот „Маинланд", кој стартуваше во март годинава, а ќе трае до август 2020 година.
-Целта е секое домаќинство да поседува земјиште на поголема парцела, со правилна форма, наспроти сегашните мали парцели на различни локации, што ќе ги намали трошоците за обработка, ќе ги зголеми продуктивноста и можностите за примена на модерни производствени методи и технологии, како и можностите за изградба на подобра рурална инфраструктура, - подвлече Николовски. Окрупнувањето на земјоделското земјиште, објасни, ќе се одвива преку размена на парцелите со или без промена на формата, до целосно менување на нивните граници, за да се добијат површини погодни за земјоделско производство и со подобрен пристап до патната инфраструктура и системите за наводнување. Дополнително, обработливите површини ќе се зголемат со инвестирање во хидромелиоративни системи.
-Што поскоро да се интервенира во законските решенија, да се искористат искуствата од ЕУ и експертизата на ФАО за окрупнување на земјоделското земјиште, - порача евроамбасадорот Самуел Жбогар на работилницата.
Како што истакна Жбогар, речиси сите земјоделски стопанства во Македонија се многу мали и се состојат од неколку распрскани парцели. Таквата голема фрагментација влијае врз локалните фармери, ја комплицира обработката, одзема повеќе време и пари, спречува модернизација, примена на современи технологии. Тоа влијае негативно врз конкурентноста и ќе се одрази на можноста на земјата да се справи со пазарните сили во ЕУ.
Искуствата на земјите од ЕУ покажаа дека е можно консолидацијата да се спроведе со паралелна заштита на животната средина. Тоа мора да се земе предвид, а треба да се искористи и државното земјоделско земјиште за поддршка на консолидацијата на приватните парцели. Исто така е неопходно и јакнење на администрацијата за подготвување и спроведување национална програма за консолидација, нагласи евроамбасадорот.
Проектот ќе го поддржи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во оперативно воведување на Националната програма за консолидација на земјиштето преку градење на експертиза и зајакнување на капацитетите за консолидација на земјиште кај локалните чинители. |