- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Николовски: Отвораме интензивен дијалог со земјоделцитеДата на објава: 9 Јуни 2017Од денеска отвораме интензивен дијалог со земјоделците. Сакаме да ги слушнеме нивните предлози, сугестии, размислувања,... Само така, со постојани, конзистентни, искрени разговори, ќе дојдеме до квалитетни решенија, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Пред неговата прва средба со производителите во Министерството, Николовски најави дека приоритет на новите владини политики ќе биде воведувањето зелена нафта и исплатата на субвенциите. Ќе се анализира, рече, и работењето на Платежната агенција за да се утврди одговорност, односно да се прецизира кои се причините за блокираната распределба и за се уште непочнатото аплицирање за годинашната поддршка.
Според него, треба да се доисплатат вкупно 3,5 милијарди денари од кои околу 1,5 милијарди за тутунот, а проектираното зголемување на 160 милиони евра останува како една од главните определби. Неделава, дополни, исплатата продолжи и се префрлени 439 милиони денари.
Земјоделците, пак, очекуваат екстремно лоша година, една од најкатастрофалните, како што рекоа. Поради тоа бараат, ако се процени дека нема што да жнеат, да бидат ослободени од водарина и од плаќање закуп за државното земјиште, а Министерството за земјоделство да биде медијатор и кај банките да им издејствува одлагање на исплатата на кредитите за механизација. И според нив, наредниов период клучна треба да биде доисплатата на субвенциите, но мора да се поведе сметка и за, како што нагласија, претстојниот октуп на пченицата, утврдувањето на нејзиниот квалитет и дефинирањето на цената.
- Се нафативме на чесно, одговорно и законско работење во интерес на земјоделците. Ќе ги направиме сите неопходни чекори во таа насока особено ако се земе предвид дека изминатите 11 години се наталожија многу проблеми. Почнуваме со промена на Програмата за директна поддршка со цел ветените мерки да бидат дел од првите владини седници. Една од клучните мерки е воведувањето зелена поевтина нафта. Веќе дадов инструкции согласно кои треба да стартуваат формално-правните постапки, имав средба со деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, а вклучени ќе бидат и сите стручни и професионални кадри за длабинско решавање на проблемите, потенцира Николовски.
Министерот смета дека ќе треба време за да се согледаат реалните состојби во земјоделството. Дотогаш, рече, нема да дава конкретни одговори. - Решавањето на проблемите нема да биде лесно и брзо. Наскоро очекувам дооформување на тимот, избор на заменик-министер, државен секретар,..., а меѓу првите активности ќе биде јакнењето на кадровскиот потенцијал во Платежната агенција, истакна Николовски.
Одговорајќи на новинарски прашања, информира и дека веќе бил во Тетовско за да ги согледа последиците од невремето. Првичните проценки велат дека се оштетени најмалку 50 хектари земјоделско земјиште и поради тоа, напомена, мора да се постапува многу брзо.
Според земјоделците, можно е годинава во некои региони да нема жетва или приносите да бидат само 10 до 20 отсто. |