Стартуваше проектот на ДФЛ „Со знаење полесно до практична работа и работно место“

Дата на објава: 
28 Април 2017
DFL.jpg

Државната фитосанитарна лабораторија (ДФЛ) на 28 април го започна циклусот на соработка со средните училишта, област хемија и биохемија, насловен „Со знаење полесно до практична работа и работно место“.

Во рамките на овој проект, први ДФЛ ја посетија учениците од скопската гимназија „Ѓорѓи Димитров“. Тие, на почетокот кусо се запознаа со работата на лабораторијата и нејзината мисија да се грижи за пласман на безбедни земјоделски производи и нивни преработки. Потоа, следуваше запознавањето со лабораториите, поединечно за секоја област на работа, нивната поставеност, персонал, како и начинот на функционирање.

Во продолжение, беа претставени високо софистицираните инструменти со кои се врши дијагностика на болести на растенијата, се одредува квалитетот на храната, а фокусот беше ставен на лабораторијата за аналитичка хемија каде што се одредуваат контаминентите во храната - резидуи од пестициди, микотоксини, нитрати/нитрити. Огромен беше интересот на средношколците за начинот на функционирање на инструментите кои работат на база на течна и гасна хроматографија, а очигледен беше и големиот мотив кај нив да научат како се детектираат и најниските содржини.

На крајот, вработените во ДФЛ на своите гости им го претставија и новиот инструмент за анализа на квалитетот на виното.

Кадри од профилот на хемиски инжењери и биотехемиски инженери се неопходни за секоја лабораторија, но за жал тие се дефицитарни во Македонија. Имајќи го тоа предвид, ДФЛ со овој проект се труди да го поттикне интересот за споменатите струки и одблиску да ги запознае учениците со лабораториската работа како нивна идна професионална определба.

Проектот продолжува, а засега ќе бидат опфатени само средните училишта на територијата на град Скопје.