- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Министерот Цветков засади црн бор во ТетовскоДата на објава: 30 Ноември 2016Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков денеска во рамки на акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина" посади дрвце во месноста Брдце над селото Сиричино, општина Јегуновце каде на околу шест хектари беа засадени околу 15 илјади садници црн бор.
- Ова е 18-та по ред акција Ден на дрвото – засади ја својата иднина. Оваа година планираме да засадиме 2,6 милиони садници првенствено околу населените места и градовите каде имаме најголемо загадување. Во Скопје и неговата околина планирани се еден милион садници, Тетово и Кичево со по сто илјади садници, во Битола околу двеста и педесет илјади садници, изјави Цветков.
Се работи, нагласи, за садници постари од три години, а на други шеесет локации ќе се засадaт остатокот од над еден милион садници.
- Оваа акција треба да продолжи бидејќи на дрвото му треба најмалку 50 до 60 години да стане шума се со цел да придонесеме за чиста средина. Во изминатите 16 вакви акции засадени се околу 35 милиони садници, а од нив над 50 отсто се зафатени што е навистина висок процент, имајќи предвид дека се смета дека е добар резултат ако се зафатат 25 до 30 отсто. Тука процентот е навистина задоволителен и изнесува од 50 до 60 отсто од засадените садници досега, според извештајот на Државниот инспекторат за шумарство, потенцира Цветков.
Инаку, во денешната акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, ќе бидат пошумени 503,89 хектари со 2.611.143 милиони садници. Акцијата се спроведува на 60 локации во 30 подружници (катастарски општини), а за пошумување ќе се користат црн и бел бор, багрем, јасен, јавор, чемпрес, аризонски чемпрес, смрча, дуглазија, даб, питом костен, дива круша, црн орев...,
За потребите на ЗЕЛС и пооделно за единиците на локалната самоуправа се обезбедени 1.350.568 садници, од кои 1.000.568 за Скопје, урбаните делови на општините и на страничните делови на обиколницата на главниот град, 150.000 за Битола од кои 200 за урбаниот дел на градот, 100.000 за Тетово од кои 100 за урбаниот дел, како и 100.000 за Кичево од кои 100 за урбаниот дел на градот.
Дополнително, по 2.000 леандри (вкупно 4.000) ќе бидат засадени покрај автопатот Демир Капија - Смоквица и во општина Дојран, а обезбедени се и 300 декоративни садници од кои 150 (четинари повисоки од 130 сантиметри) за Здружението на граѓани „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“.
Акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ почна во 2008 година и во првите четири години, до 2011-та, се спроведуваше во две сезони – пролет и есен. Во последните пет години, пак, пошумувањето се извршува само на есен.
Во досегашните 17 акции се пошумени речиси 13.000 хектари со над 35 милиони садници. Најдобар беше ефектот во 2009 година кога во две акции на речиси 4.000 хектари беа засадени повеќе од 7.900.000 садници. |