Министерска конференција за болеста јазлеста кожа

Дата на објава: 
9 Септември 2016
Foto.jpg

Министрите од 19 земји од регионот ги прифатија заклучоците од „Министерската конференција за болеста јазлеста кожа“, која вчера и денеска се одржа во Софија (Бугарија), а на која учествуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, Михаил Цветков.

 

На конференцијата организирана од Министерството за земјоделство и храна на Република Бугарија во соработка со Европската комисија, присуствуваа делегации од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Македонија, Грција, Унгарија, Израел, Италија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Турција и од Украина, како и еврокомесарот за здравство и безбедност на храна, Витенис Андриукаитис, кои заклучија дека:

 

1. Главните ризици за пренесување на LSDV се поврзани со пренесувањето на вирусот со вектори кои се хранат со крв од живи инфицирани животни и можен директен контакт меѓу заразените и здравите животни, како и неконтолираното движење на животните. Нема доволно докази дека постои ниво на ризик кое укажува на други индиректни патишта за пренесување на болеста. Месо не се смета за значаен ризик за пренос, а ризикот од млекото кое не е наменето за исхрана на животните може да се ублажи со пастеризација и транспорт во затворени садови. Постои поголема веројатност кожата да биде повеќе контаминирана со вирусот отколку месото.

2. Приоритетните активности за спречување на преносот се моментално убивање и безбедно уништување на заразени животни (како на клинички случаи, така и на суб-клинички зафатените животни), вакцинација за да се намали ширењето и инфекцијата на сомнителните животни и контрола на движењето за да се избегне ширење на голема оддалеченост преку директен контакт.

3. Здравите животни кои биле вакцинирани најмалку 28 дена претходно, носат занемарлив ризик за ширење на LSD.

 

4. Делегациите ја земаат предвид итната помош на ЕФСА за болеста јазлеста кожа која, кога вакцинацијата се применува целосно, е ефикасна во искоренувањето на болеста со делумно убивање на засегнатите животни исто како и со убивање на целото стадо, што во моментов го бара законодавството на ЕУ.

5. Вакцинацијата на добитокот е најефективната опција за контрола на ширењето на ЛСД. Особено, вакцинацијата е најефикасна, доколку се применува пред вирусот да влезе во регионот или земјата. Се препорачува вакцинацијата да се применува подеднакво во сите подрачја.

6. Потребно е итно да се ревидира и ажурира законодавството на ЕУ за ЛСД  за истото да биде соодветно на ситуацијата. Сите мерки треба да бидат јасно наведени. Минималната големина на заштита и зоните за надзор во случај на појава ЛСД треба да се преиспитаат и дефинираат врз основа на сите проценки за намалување на ризикот од понатамошно ширење на болеста. Треба повторно да се преиспитаат специфичните услови, потребата од надзор и периодот за проценка дека земјата е ослободена од ЛСД, особено кога се применува вакцинација, а клинички и вирусолошки извршениот надзор не дава докази за LSDV инфекција.

7. Треба да се даде поддршка на понатамошните научни испитувања за пренесувањето на ЛСД, улогата на векторите и факторите на животната средина во епидемиологијата на болеста, дијагностичките методи и диференцијација на вакцинирањето (ДИВА) во однос на теренските пречки на вирусот.

8. Земјите кои применуваат стратегија за контрола на ЛСД (вклучувајќи и вакцинација) да бидат во можност да ги пренесат живите говеда и стоки во рамките на внатершната и меѓународната трговија во согласност со анализите за ризик на ЕФСА и на научни основи, препораки и стандардите на ОИЕ .

9. Постои итна потреба Заедницата да формира референтната лабораторија за ЛСД.

На крајот присутните се договорија да имаат почести средби на кои ќе ги договараат и спроведуваат мерките за што поуспешна борба и сузбивање на оваа опасна болест.

 

Министерот Цветков изрази благодарност до организаторите за реализацијата на Конференцијата на министри и експерти во областа, бидејќи болеста е регионален проблем и бара висок степен на сериозност во нејзиното третирање, а само во координиран начин на меѓународно ниво може да се делува успешно.

 

Цветков ги информира присутните дека Република Македонија со појавата на јазлеста кожа кај добитокот се соочи пред пет месеци, кога болеста навлезе преку нашата источна граница. За многу кус период се прошири во речиси сите општини на државата и е регистрирана во над 1.500 одгледувалишта.

 

Владата на Република Македонија реагираше брзо, преземајќи низа мерки што се во нејзина надлежност. Направени се соодветни измени во Програмата за користење на средства за здравствена заштита на животните за 2016 година и во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2016 година, за да се обезбеди соодветна законска рамка за пренамена на средства за исплата на надомест кон оштетените одгледувачи, набавка на вакцина и спроведување на вакцинација.

 

Агенцијата за храна и ветеринарство во тесна соработка со Институтот за здравствена заштита на животните при Факултетот за Ветеринарна медицина Скопје, ја следат состојбата со болеста и редовно носат решенија за мерките за сузбивање и искоренување кои треба да се преземаат во зоните каде е утврдена појавата на болеста.

 

Цветков соопшти дека како држава целосно ги поддржуваме заклучоците кои се предложени на Конференцијата, бидејќи во многу голема мера истите веќе се применуваат во пракса кај нас и сметаме дека се оправдани. На нашата територија применувавме еквивалентни мерки, односно директиви и одлуки како земјите членки на ЕУ, а мерките кои треба да се спроведат во регионот треба да бидат униформни и да бидат применети без исклучок.

 

Во тој контекст очекуваме на почетокот на 2017-та година да се направи редовна ревакцинација на животните во регионот, за да можеме сезоната на вектори да ја започнеме со вакцинирана популација. Треба да се размислува и за други мерки кои ќе се спроведуваат, а пред се за движењето на вакцинирани и невакцинирани животни од регионите кон трети земји и ЕУ, токму како што е наведно во заклучоците.

 

Министерот Цветков се заблагодари и за укажаната навремена помош од 50.000 вакцини, како и за несебичната помош која што ја добиваме од Република Бугарија и истакна дека и во иднина очекуваме безрезервна поддршка, бидејќи иако не сме членка на ЕУ, сепак сме земја на европско тло и од заеднички интерес е да ги решаваме проблемите синхронизирано и во тесна координација.