Интервју на министерот Михаил Цветков за МИА

Дата на објава: 
1 Јануари 2016
MIA foto (3).JPG

Министре, како ја оценувате изминатата 2015 година?

Имајќи ги предвид остварените резултати и покрај лошите временски услови, врнежите и поплавите во почетокот на годината, задоволен сум како ја завршивме 2015-та.

Штети од поплавите изминатата пролет беа најмногу предизвикани врз поледелските култури зашто есента 2014-та беше многу сушна и земјоделците не можеа да ги заораат нивите. Поплавите особено го зафатија Пелагониско каде што се и најголемите житни површини. Но, земјоделците успеаја да ги засејат и добија просечни резултати.

Во однос на другите култури, 2015-та е повеќе од успешна, би рекол одлична година, а во некои случаи и рекордна. Кај тутунот, резултатите се исклучително добри. Се постигна просечна цена од 185 денари, а допрва очекуваме рекордни над 200 денари.

Друга гранка која исто така бележи одлични резултати е овоштарството, особено јаболкопроизводството. Имаме двојно зголемено производство. Очекуваме околу 120.000 тони јаболка.

И во лозарството, не само што има значително поголеми количини, туку и квалитетот е одличен. Оценките се дека 2015-та е една од најдобрите години за производството на грозје, а виното кое ќе се произведе од оваа реколта ќе биде едно од врвните.

Одлични се резултатите и во оризопроизводството. Трендот на зголемување на површините продолжува. Ако порано се засејуваа до 9.000 хектари, веќе имаме зголемување од дополнителни 500 хектари.

Оттука, можам да кажам дека земјоделството во 2015 година е задоволително. Во земјоделството не може да се очекуваат нагли промени, но многу се битни мерките што се преземаат во сите сегменти, почнувајќи од консолидација на површините, до изградба на нови и рехабилитација на постоечките системи за наводнување за кои во наредните десет години, до 2025-та, се предвидени 200 милиони евра.

Би сакал да нагласам дека паралелно, многу работиме и на обука на земјоделците зашто без знаење, не може да се очекуваат добри резултати.

Сметам дека во аграрот не треба да се очекуваат брзи револуционерни промени, напротив. За резултатите е потребно време. Сепак, најважно е тоа што го стопиравме падот во земјоделството и поранешните аграрни политики кои доведоа до негово назадување.

Ако не се воведеа директните мерки за поддршка и развој на руралните средини, земјоделството тотално ќе пропаднеше, дали 40 отсто од сегашните земјоделци ќе се занимаваа со производство. Веројатно ќе останеа само големите стопанства кои располагаат со 1.000 хектари, а останатите, малите, ќе угинеа.

Со Програмата за директни плаќања, во 2015-та се надминаа проекциите, од планираните 101 милион евра, се исплатија 104 милиони, три милиони повеќе од 2014 година. Овие околу 4,5 милиони се исплатени за обесштетување на земјоделците од поплавите. Исплатени беа и средства за отштета во сточарството поради појавата на болеста „син јазик“.

Државата помага секаде каде што цени дека одреден дел од секторот е во криза од различни причини, пред се поради конкуренцијата однадвор на пример како што беше последниот случај со воведувањето санкции од руска страна, се појави вишок на производи кои го нарушуваат пазарот, а цените паѓаат.

Би завршил со податокот дека, од државното земјоделско земјиште, вкупно 210.000 хектари, досега, од 1998 година наваму, под закуп се дадени 160.000 преку 9.103 договори. Од преостанатите 40.000 хектари, околу 15.000 се неупотребливи зашто се мали парцели, на лошо пристапни терени и осма класа, а за другите имаме проблеми со нерасчистени односи на кои се работи. Битно, 160.000 хектари се дадени под закуп.

Кои се моментно најголемите предизвици во аграрот?

Клучен предизвик останува, како земјоделецот да произведе повеќе, поквалитетно и тоа да го продаде. Тука цениме дека најбрзи, најдобри резултати може да се постигнат преку здружувањето во задруги.

Во овој сегмент, работите веќе се менуваат, се придвижуваат, иако, ќе повторам, процесите во земјоделството се многу бавни па за само една работа е потребна најмалку една година.

До скоро, а и се уште некои од постарите земјоделци мислат дека со зачленувањето во задруга, дел од земјиштето ќе им се одземе, што не е точно. Полека, овие генерации одат во пензија, доаѓаат други, нови, кои го прифаќаат ваквиот модел. Мора да се потпреме на нив. И генерално, земјоделството треба да го „движат“ токму младите земјоделци. Затоа преку програмата за рурален развој даваме по 10.000 евра за секој млад земјоделец. Минатава година за оваа мерка се јавија 103 млади земјоделци што значи дека се поделени над еден милион евра. Целта ни се токму тие зашто реално, не може да се очекува земјоделец кој веќе има 60-70 години, да применува нова технологија. Тешко ќе му ги смените навиките.

Како и секаде во светот, така и нашите млади земјоделци треба да се организираат во задруги. Моделот се покажал успешен и функционира во западниот свет па не би сакале, ниту има потреба да измислуваме нешто ново. Во оваа насока, за јакнење на задругарството, од ИПА 2 програмата ни се одобрени два милиона евра. Избрани се италијански консултанти кои овој месец, со нивен грант, ќе ја скенираат моментната состојба во македонското задругарство и врз база на таа студија ќе предложат како да ги искористиме средствата. Од наша страна, цениме дека е најдобро, парите да се вложат за изградба на нови објекти, откупни центри, ладилници, купување механизација.

За зајакнување на задругарството, до 2017 година преку ИПА 2, Македонија има на располагање два милиона евра. Уште 1,5 милиони евра, пак, ќе и бидат достапни и во следниот период, од 2017 до 2019 година. Истовремено, за задругарството, многу поволности се предвидени и од буџетските средства: 90 отсто се субвенционира набавката на механизација, 30 отсто се поголеми субвенциите, а се плаќа и менаџерот на задругата.

Еден од поголемите проблеми на македонското земјоделство се малите, фрагмантирани парцели. До каде е процесот на оркупнување, консолидација на земјиштето?

Без консолидација, не можеме да очекуваме квалитетно, конкурентно земјоделство.

Од ИПА 2 за оваа намена до 2017 година ни се одобрени два милиона евра. Процесот ќе го спроведува ФАО, организација со која веќе работиме на друг ваков проект. Во 2017 година, пак, повторно ќе добиеме уште два милиона евра за окрупнување на земјиштето.

Земјоделските стопанства со над 50 хектари немаат проблем ниту со производство, ниту со квалитет, ниту со цена. Проблем имаме со малите стопанства на кои отпаѓаат 60 проценти од површините и вкупниот број.

Имотните листови, сопственоста на површините, кои некогаш беа проблем, сега не се никаква пречка. Практично, ништо не е спорно околу сопственоста, туку во потребата да се менуваат меѓите. Но, тоа помладите фармери без проблем го прифаќаат, не мислат како постарите земјоделци, дека на овој начин ќе бидат некако оштетени.

Министре, неизбежно се наметнува прашањето околу вашиот дополнителен заменик, неговите се почести обвинувања за земјиштето, субвенциите...

Сметам дека е губење време да се докажувам со него. Сите негови обвинувања покажуваат дека се работи за политички маркетинг.

Веќе и земјоделците се стопроцентно убедени дека се што зборува дополнителниот заменик, не е никаква вистина. Колку почесто држи прес-конференции, толку се тие побеспредметни, а граѓаните помалку му веруваат.

Откако е тука, два месеца, најде два договора, едниот од 1998, а другиот од 2010 година.

Повеќе пати кажав и ќе повторам: земјоделското земјиште се доделува под закуп но, не по партиска, национална, верска или некоја друга припадност, туку само ако апликантот ги исполнува условите, а тоа значи дека може да биде и пратеник, од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ, како и странски државјанин.

Се работи за површини над три хектари, а ги добиваат оние што покрај тоа што ги исполнуваат условите, даваат и најдобра понуда. Изборот е транспарентен, со електронска аукција. Воопшто нема простор за манипулација. Секој што мисли дека има каква било злоупотреба, може да ја следи аукцијата. Му предложив на дополнителниот заменик министер да го ставам во Комисијата за да види дека се работи транспарентно. Сега, на 18 јануари завршува и третиот оглас заклучно со кој ќе бидат понудени вкупно 8.500 хектари.

И субвенциите што се исплаќаат се јавни и се наоѓаат на веб-страницата на Платежната агенција. Не знам што потрансперентно од тоа може да биде. Се што исплаќаме, може да се види и е врз база на поднесени документи. Постапката е многу транспарентна.

Што ќе им порачате на земјоделците во новата 2016 година?

Сакам, пред се, да ги охрабрам дека земјоделството во Македонија има иднина. Располагаме со природни богатства, ресурси и потенцијал, имаме плодна земја. Единствено што треба е добро да се организираме, да набавиме механизација, да применуваме агротехнички мерки и да соработуваме со науката.

МИА - Мирјана Чакарова