Охридското Езеро порибено со триста илјади единки подмладок ендемична пастрмка

Дата на објава: 
2 Септември 2015
5542.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков денеска присуствуваше на порибувањето на Охридското Езеро со 300.000 единки од ендемичниот вид охридска пастрмка. Рибите се со должина од седум до осум сантиметри и тежина 2,5 до три грама, а подмладокот изведен од првото измолзување пастрмка спроведено на 17 јануари оваа година.

 

Министерот Цветков при посетата на Хидробиолошкиот завод во Охрид потсети дека Владата на РМ секоја година, согласно годишните програми за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата, предвидува мерки и обезбедува потребни финансиски средства за изведување на вештачки мрест и порибување на езерата. За годинешното порибување на езерото со ендемичен вид охридска пастрмка се издвоени средства во износ од 7,5 милиони денари, за излов, одгледување и порибување со околу 2,4 милиони единки пастрмка.

 

- Порибувањето од репроцентарот во Хидробиолошкиот завод почнува со 300 илјади единки пуштени на локалитетот „Вирче“, а ќе продолжи до целосна реализација во текот на овој месец. Во тек се и активностите за изведување и порибување и на струшкиот дел на езерото од Мрестилиштето кај Шум, кои се очекува исто така да завршат до крајот на септември, рече Цветков.

 

Тој забележа дека независно колкави се напорите на македонската страна во заштитата на охридската пастрмка, успех во обновувањето на рибниот фонд во езерото може да се постигне само доколку такви мерки се спроведуваат и на албанскиот дел.

 

- Албанската страна презема определени активности, но се уште се далеку зад нас, односно не е уредено управувањето со рибниот фонд во езерото, рече министерот појаснувајќи дека уште во јануари требало да отпочнат со работа заеднички комисии што ќе работат за заштита на пастрмката, но тоа не е сторено поради неподготвеност на албанската страна.

 

Цветков нагласи и дека независно од резултатите, иницијативите за соработка во насока на заштита на рибниот фонд ќе продолжат, како со колегите од Албанија, така и со концесионерите. Тоа е случај во последните осум години во кои се спроведуваат активни мерки за поддршка на рибниот сектор како и мерки и активности за користење на рибите од риболовните води, за планско експлоатирање на рибите на одржлив начин, заштита на рибите, контролиран излов, подобрување на постоечките и имплементирање на нови риболовни техники за вршење на стопански риболов, а се со цел зачувување на природните ресурси и снабдување на пазарот со квалитетна и безбедна риба

 

Инаку, рибите од Охридското езеро се дадени на користење за вршење стопански и организирање рекреативен риболов на концесионерот Пастрмка 2012 ДООЕЛ по спроведена постапка за концесија во 2012 година, а порибувањето го изведуваат регистрираните репроцентри Јавна Научна Установа Хидробиолошки завод во Охридскиот дел и Универзитет Кирил и Методиј - Институт за сточарство - мрестилиште Шум во Струшкиот дел.