- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Јашари – Маѓар: Македонија и Унгарија имаат простор за продлабочување на соработката во земјоделствотоДата на објава: 10 Јули 2015Државниот секретар на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Бесир Јашари денеска имаше работен состанок со државниот секретар за економска дипломатија на Унгарија Левенте Маѓар. На средбата во МЗШВ соговорниците истакнаа дека двете земји имаат простор и интерес за соработка за сите области во земјоделството. Потврда за тоа е и досегашното искуство, кое може да биде дополнето и со изработка на кафилерија. Токму за реализација на таков проект во Македонија, во моментов има интерес од една унгарската фирма.
- Ние мора да направиме и ќе направиме кафилерија, што е обврска на државата. За фабриката за производство на нус производи е определена локација од страна на Владата на Република Македонија и во тек е изработка на физибилити студија. До крајот на годинава треба да го имаме финалниот и најповолен концепт за Република Македонија, - истакна Јашари.
Тој ги информира своите гости за стратегијата за земјоделство во Македонија и дека на годишно ниво издвојуваме 150 милиони евра субвенции.
-Македонија има 4 извозни стратешки производи за кои даваме субвенции. Тоа се виното и тутунот за кои имаме и закони, потоа овошјето и зеленчукот, како и јагнешкото месо, додаде Јашари.
Од друга страна, Маѓар, кој ја предводеше унгарската делегација во која беше и амбасадорот на Унгарија во Македонија, Јозеф Бенце, истакна дека земјоделството е најперспективна извозна гранка во нивната земја.
-Имаме неколку производи со светски квалитет и ги нудиме како основ за соработка со Македонија. Но, секако, заинтересирани сме и за тоа што Македонија има да го понуди. Знаеме дека Македонија има потреба од увоз на одредени видови месо, семенски материјал, а имаме и 2 милиони тони жито за продажба. Не се сомневам дека ќе најдеме интересни теми за продлабочување на веќе изградената соработка, за што ја користам и оваа пригода да се заблагодарам, - рече државниот секретар за економска дипломатија на Унгарија Левенте Маѓар.
На состанокот беше предложено и да се направи Меморандум за соработка меѓу двете земји, кои во 2011 година потпишаа Договор за економска соработка, за што постои и посебна работна група за земјоделство. |