Министерот Цветков на средба со трговци и земјоделци во Струмица

Дата на објава: 
3 Јуни 2015
P6030012.JPG

Откупот на земјоделските производи, нивната продажба и извозот, беа темите на кои денеска во Струмица разговараа ресорниот министер, производителите и преработувачите. Она што беше констатирано е дека  во моментов проблем со увоз на земјоделски производи од странство нема, но постои проблем со извозот бидејќи полека ама сигуно традиционалните пазари на кои се пласираа македонските земјоделски прозводи почнуваат да ги освојуваат и околните држави кои нудат се поквалитетно производство.

,,Времињата се менуваат, а и ние треба да се менуваме, да ги превземеме сите чекори кои што се неопходни, да ги искористиме сите средства кои што ни стојат на располагање во развој на земјоделието како во технички средства, помагала за поквалитетно производство исто така и во семенски материјал кој што ќе даде добар квалитет и добар производ“, рече Михаил Цветков - министер за земјоделство.

Со цел да се добие поквалитетно производство од страна на министерството ќе се објави  тендер за изградба на оранжерии за сертифициран градинарски расад и тоа  во  Струмица, Гевгелија и во Валандово.

„Површината е околу 12 хектари. Услов е оној што сака да произведува сертифициран расад годишно треба да произведува некаде околу 20 милиони садници“, рече министерот Цветков.

На средбата во Струмица  присуствуваше  и претставникот на фитосанитарната служба на руската федерација. Целта за нивното присуство беше да ги слушнат проблемите со кои се соочуваат македонските извозници, но и да им се помогне во  наминувањето на  административните бариери  доколку се јават  и на тој начин да се  обезбеди полесен проток на нивните стоки.