Донирана опрема за системот капка по капка

Дата на објава: 
28 Мај 2015
P5280033.JPG

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков, заедно со амбасадорот на САД Џес Бејли и  со заменик - амбасадорката на Швајцарија Катарина Штокер, донираа опрема за системот капка - по капка на полиња со пченка кај населбата Чашка (велешко) и во селото Лопате (кумановско). Станува збор за проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, со кој се проширува иницијативата „Да одгледаме повеќе пченка“.

Според министерот Цветков, приклучувањето на овој систем носи многу придобивки за македонските земјоделци, чиј број за негово воведување во своето производство постојано расте.

- Ние преку дополнителни средства ги финансираме ваквите проекти за кои годинава имаме 44 апликанти, а имаме и дополнителни средства кои земјоделците можат да ги искористат. Заинтересираноста е поради тоа што со овој систем три до четири пати се зголемува производството на пченка и сончоглед во однос на земјоделците кои не го користат ваквиот систем за наводнување и прихранување со ѓубрива, - изјави Цветков.

Преку системот капка по капка, УСАИД годинава ќе донира 160 системи за наводнување и ѓубрење на почвата за одгледување на пченка и сончоглед, што ќе биде од корист за производителите на пченка, но и за млечната индустрија, смета амбасадорот Бејли.

- Ги повикуваме земјоделците и млекопреработувачите да ни се придружат во трансформирањето на производството на пченка и млеко во Македонија преку инвестирање во нова технологија и преку едукација за најдобрите земјоделски практики , - рече Бејли.

Тој воедно оцени дека со континуирана поддрша од нивните партнери Министерството за земјоделство, Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството и млекопреработувачите,  производството на пченка и млеко во Македонија ќе стане попрофитабилен бизнис.

Земјоделецот Игор Јанкуловски искажа благодарност до УСАИД и до Министерството за земјоделство кои му овозожија неговото поле кај Чашка да се вклучи во овој систем „капка по капка“, за почеток на дел од вкупно 30 хектари, а потоа и на останатите хектари, за што очекува поддршка преку програмата 50:50 за рурален развој. Тој лани имал приноси од 8 до десет тона пченка од хектар, а годинава со новиот систем, очекува да има приноси до 15 тони од хектар.

Зголемување на приносите и квалитетно производство очекува и Мендух Фетаи, чие земјиште во Лопате, исто така беше приклучено во системот. Тој на 30-те хектари засадени со разни култури, одгледува пченка на 10-15 хектари. Покрај тоа, Фетаи произведува и добиточна храна, бидејќи одгледува крави и овци.

Земјоделците се повеќе се уверуваат во поволностите што ги носи воведувањето на науката и техниката во производството, а според министерот Цветков, целта на овој проект е тие да се организираат и самите да произведуваат храна за да се задоволат потребите на Македонија.

-Доколку 7.000 хектари се стават под овој систем капка по капка, тогаш нашите потреби од пченка ќе бидат задоволени и ќе се произведе потребната добиточна храна што сега се увезува, - потенцираше Цветков.

Од 2013-та година, преку проектот на УСАИД, системите капка по капка се поставени во различни региони во Македонија, а со овогодинешното проширување 280 земјоделци ги зголемиле приносите. Со проектот се овозможува проширување на производството, конкурентноста, профитабилноста, продуктивноста и одржливоста на агробизнисите.