Исчистени канали и навремена сеидба на оризот во Кочанско

Дата на објава: 
15 Април 2015
P9030278.JPG

Секундарната и основната каналска мрежа во кочанско-виничкиот регион се подготвени за испорачување вода до полињата, а тоа значи дека на 18 април ќе почне најавената сеидба на оризот во атарот на Оризарско поле, рече денеска заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски по посетата на овој крај.

 

Костадиновски разговараше со земјоделците од Чешиново-Облешево за подготвеноста на полињата, исчистената секундарсна мрежа и десниот магистрален канал кои беа зафатени од поплавите и излевањето на Брегалница во февруари, напоменувајќи дека токму чистењето на каналите бил и еден од заклучоците на Владата која ја обезбеди потребната механизација за навремено завршување на активностите, пред стартот на пролетната сеидба на оризот

 

И во виничкиот крај каде што се планирани 1.000 хектари ориз, каналската мрежа е исчистена и сеидбата може да почне навреме.

 

Заменик министерот информира дека на утрешната средба меѓу Водната заедница од Виница и Водостопанство Брегалница во Кочани, ќе се договори стартот на наводнувањето во Виничко.

 

Во регионот под ориз пролетва ќе бидат насеани 4.200 хектари од кои во Кочанско 2.500. Земјоделците и пролетва ќе ги користат проверените сорти ориз, но и новите турски кои експериментално, втора година се одгледуваат во Кочанско поле.