Министерот Цветков во Берлин на Меѓународната зелена недела

Дата на објава: 
15 Јануари 2015
IMG_2315.JPG

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, на покана од германскиот сојузен министер за храна и земјоделство Кристијан Шмит од 15 до 17 јануари  ќе учествува на Меѓународната зелена недела во Берлин.

Во рамки на оваа манифестација ќе се одржи и министерскиот форум на тема: „Растечката потреба од храна, енергија и суровина: предизвици за одржливо земјоделство и обезбедување доволни количини на храна“.

На форумот  е најавено учество на 70 министри и заменици министри за земјоделството како и високи претставници на земјоделскиот и прехранбениот сектор.

Одлуките на министрите од форумот ќе бидат земени предвид во меѓународните политички процеси како што се Г-7 и Г-20, конференции и состаноци на Обединетите нации.

Министерот Цветков ќе оствари и повеќе билатерални средби со своите колеги од регионот и од Европа. Најавена е средба и со генералниот директор на ФАО, Хозе Грациано да Силва.

Глобалниот форум за храна и земјоделство и Министерскиот самит за земјоделство во Берлин се едни од најзначајните настани на меѓународен план,  на кои се дискутираат теми од глобален интерес поврзани со земјоделството и обезбедувањето храна во светски размери.