- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Единаесет земјоделски задруги потпишаа договори за набавка на механизацијаДата на објава: 3 Ноември 2014Единаесет земјоделски задруги денеска потпишаа договори со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за набавка на механизација во вкупна вредност од 21 милион денари. Средствата ќе се искористат за набавка на 18 различни видови земјоделска опрема и механизација. Со ова се заокружува годинашната програма преку која со кофинансирање од 90 проценти задругите можат да набават различна земјоделска опрема. Годинава, за оваа цел Владата одвои 161 милион денари, од кои покрај денешните договори, беа потпишани и договори со 612 индивидуални земјоделци во вкупна вредност од 140 милиони денари со стапка на ко-финансирање од 50%. - Земјоделството без механизација не може да биде конкурентно и затоа како Влада посветуваме големо внимание и овозможуваме субвенционирање за задругите од 90 проценти за набавка на опрема, изјави министерот за земјоделство Михаил Цветков по потпишувањето на договорите. Напомена дека земјоделците може да ја користат и ИПАРД Програмата преку која се кофинансираат 50 проценти од инвестицијата. Се разгледува и можноста да се формира гарантен фонд кој ќе гарантира за средствата што земјоделците треба да обезбедат за да ја реализираат својата инвестиција. Средствата во гарантниот фонд би се обезбедиле преку УСАИД и од страна на државата. - Основен проблем на користење на средствата од ИПАРД програмата е обезбедувањето на претфинансирањето. Се уште сме во преговори и доколку се оди како што треба, се очекува во февруари да почне реализацијата на овој гарантен фонд. Освен што УСАИД ќе учествува во овој гарантен фонд со нивни средства, ќе учествува и државата. Ќе почнеме со помали суми за да видиме како ќе фунционира и се надевам дека со ова ќе го надминеме проблемот на којшто наидуваа земјоделците при користење на средствата од ИПАРД програмата, нагласи Цветков. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Тони Димовски изјави дека интересот за ИПАРД програмата е се поголем и оти за разлика од почетокот кога имало околу 80 апликации, сега со секој јавен повик има по околу 400 апликации. - Македонија има стабилна структура којашто го овозможува користењето на овие средства и постојано се воведуваат новини во насока на поуспешно искористување на средствата. Со измените во делот на претфинансирањето и со изменетата програма очекуваме позначително искористување на овие средства, истакна Димовски. Неодамна Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој распиша нов оглас за искористување средства од ИПАРД програмата. За 2015 година се обезбеди 16 милиони евра од оваа програма. |