Дата на објава:
26 Февруари 2014Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски во компанијата „Мак Млин“ во Чешиново денеска ja пушти во употреба лабораторија за испитување на квалитетот на пченицата и брашното, прва од ваков вид во Источна Македонија.
- Лабораторијата е резултат на мерката „Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски производи“ од Програмата за рурален развој во 2013 година. Во неа ќе се врши анализа на пченицата и брашното по сите параметри со што ќе се зголеми квалитетот на готовиот производ. Опремата е од реномираната германска фирма Брабендер, истакна министерот Димовски.
Тој додаде дека останува лабораторијата да добие акредитација и да стане единствената овластена лабораторија во Источна Македонија, која ќе им ги стави на располагање своите услуги на фирмите од регионот.
Сопственикот на „Мак Млин“, Николчо Ѓоргиев информира дека се работи за инвестиција од 170 илјади евра од кои 50 илјади евра се кофинансирани од Програмата за рурален развој.
- Оваа лабораторија, која е единствена од ваков вод во источна Македонија, ќе врши услуги на земјоделци и компании кои ќе сакаат да го контролираат квалитетот на земјоделските производи, рече Ѓоргиев.