Проекти од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој

Дата на објава: 
25 Јануари 2014
JPG

Во кратовското село Трновац денеска е означен почетокот на изградба на нов локален пат од село Трновац до регионалниот пат во општина Кратово. Патот ќе биде во должина од 4,3 километри и за неговата изградба и асфалтирање ќе бидат вложени околу 20 милиони денари, средства обезбедени од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, кој присуствуваше на настанот, истакна дека во изминатите пет години преку оваа програма реализирани се 19,5 милиони евра и асфалтирани се околу 200 километри локални патишта и околу 180 улици.

- Водени од потребата за унапредување на квалитетот на живот во руралните средини, Владата на Република Македонија во својата работна програма дава посебен приоритет на политиката за рурален развој пред се на инвестиции во руралната инфраструктура особено за обновување на инфраструктурата во селата, преку воведување на модерна селска патна инфраструктура со асфалтирање на улици, пешачки и зелени површини, осветлување, пазарна инфраструктура, младински и пензионерски клубови како и на патна инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште т.н. полски патишта, и целокупната мрежа на локална патна инфраструктура. Воедно за прв пат од минатата година Владата оддели средства за поддршка на изработка на урбанистички планови вон населени места со што во значителна мера ќе се олеснат инвестициите во изградба и модернизација на населените места и приватните инвестициски иницијативи, изјави министерот Димовски.

Според министерот, со изградбата на патот ќе се овозможи полесно поврзување на населените места.

– Исто така на општина Кратово од програмата за рурален развој одобрени се уште два проекти со што вкупната вредност на сите три проекти изнесува 34 милиони и 769 илјади денари рече министерот Димовски.

Градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски рече дека изградбата на патот е потврда на програмските определби и оти се работи за пат кој е важен за ова населено место.

- Овој пат за нас е важен бидејќи ги поврзува одалечените маали од село Трновец со регионалниот пат кој води кон Кратово. Сите три проекти значат многу за општината Кратово и се пример на одличната соработка со Министерството за земјоделство, рече Андоновски.