Министерот Димовски за МИА: Македонија максимално да ги користи можностите за поголемо производство на храна

Дата на објава: 
3 Јануари 2014
 Димовски.jpg

Како ја оценувате годинава што изминува? Во кој дел фармерите и земјоделските стопанства имаа најмногу проблеми? Се размислува ли можеби за нови мерки кои би ги олесниле производството и пласманот во насока на поголема конкурентност?
Карактеристично за македонското земјоделство во 2013 година беа осцилациите во производството. Врз основа на информациите и нивната аналитичка обработка се обидовме да ги предвидиме состјобите на глобалниот и регионален пазар. Истовремено конјуктурата одеше во прилог на повеќето земјоделски производи карактеристични за Македонија.
Бројот на домашните потрошувачи претставува многу мал пазар во однос на вкупната количина земјоделско производство за кое е потребно да се обезбеди пласман на надворешните пазари, традиционалните, каде што македонските земјоделски производи се добро познати, но и на регионалните пазари, односно новите пазари кон кои ги насочивме активностите за поизразена промоција на нашите потенцијали. Сметам дека во овој правец постигнавме задоволителни резултати, но останува уште многу работа за поагресивно освојување на новите пазари особено во оние држави каде што не се чувствуваат последиците од глобалната економска и должничка криза и каде што стандардот на населението бележи константен пораст. Тоа се пазари кои имаат голема абсорпциска моќ, но и во кои се повеќе се бара квалитет за понудените земјоделски производи. Оттаму, воопшто не треба да не изненадува зголемениот извоз на наши производи на пазарот на Руската Федерација или во Кина. Добар пример за тоа е македонското вино.
Да напоменам дека истовремено се дојде до сознанието за сериозноста од последиците на глобалните климатски промени за што во изминатиот период во повеќе наврати потенциравме, зборувавме како за особено битен проблем за кој треба да се најде решение. Очекувано приносите кај одредени култури или оштетувања на родот беа најизразени кај житарките и оризот. Од тие причини во Министерството за земјоделство и Владата се поголемо внимание се посветува на системите за наводнување, нивното репарирање и реконструкција, проширување на каналската мрежа или можноста за градење мали хидро акумулации за задоволување на потребите на земјоделските производители и обезбедување поголем принос на земјоделските култури. Посебни финансиски средства се предвидени во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој токму за овие цели.
Во однос на движењето на цените на прехрамбените производи, тие во изминативе неколку години беа дефинирани од два спротиставени процеси, едниот кој влијаеше на нивно намалување поради падот на побарувачката предизвикана од светската економска криза, и вториот со влијание на зголемување на цените поради зголемената побарувачка во брзорастечките земји незафатени од влијанието на кризата, како и поради намалената понуда како резултат на климатските промени.  
Со постепеното подобрување на економските состојби во земјите кои се наши извозни дестинации, годинава цените беа под влијание претежно на факторите кои влијаат кон нивно зголемување и стабилизирање.
Што се однесува до регулирањето на пазарите, министерството со измените на Законот за земјоделство и рурален развој во 2010 година, правно го регулираше, и во последниве неколку години го воведува системот на уредување на условите и начинот за вршење на трговија со земјоделски производи. Целта на овие активности е зачувување на конкурентските услови, односно регулирање на учеството на оние правни субјекти кои сериозно се занимаваат со откуп на земјоделски производи и елиминирање на остантите со шпекулантски намери, како и стимулирање на договорни односи во процесот на додадена вредност помеѓу производителите и откупувачите на земјоделски производи.

 

Европската аграрна политика го форсира т.н. грининг, се фокусира на еколошките мерки, но и на поддршката на младите фармери. Каде сме ние тука?
Еколошкиот аспект веќе подолго време е еден од клучните елементи на заеднилките земјоделски политики на ЕУ. Од една страна почитувањето на барањата за добра земјоделска пракса која не ја загрозува туку ја одржува животната средина е услов за добивање на било каков тип на поддршка, а од друга страна унијата со агроеколошки мерки преку нивните програми за рурален развој поттикнува дополнителни земјоделски активности кои одат во насока на понатамошно подобрување на природните ресурси, пред се почвата и водата. Гринингот во ЕУ после 2014 година конкретно значи дополнителни плаќања на основните за задолжителна примена на три услови: за примена на плодоред и употреба на три различни култури, одржување на тревните површини и напуштање на 7% од земјиштето за еколошки потреби.
Јасно е дека ваквиот концепт не соодејствува целосно со мометалните состојби во македонскиот аграр. Но тоа што е секако важно е дека за прв пат почнувајќи од 2013 година остварувањето на правото на финансиска поддршка во делот на директните плаќања ќе биде предмет на задолжително исполнување на одредени барања поврзани со исполнување на барањата за добри земјоделски пракси и заштита на животната средина.  
Воведувањето на ваквите барања е со цел постигнување на ориентираност кон подобрени резултати на зголемено земјоделско производство и повисок квалитет на производите, но и истовремено заштита на животната средина и оптимално користење на природните ресурси и енергијата. Барањата кои се пропишани во Правилник се однесуваат на задолжителна хемиска анализа на почвата, правилна употреба на ѓубрива и хемиски средства, соодветна обработка на земјиштето, задолжително користење сертифициран семенски и саден материјал, благосостојба на животните и други аспекти на заштита на животната средина од земјоделски активности. Барањата се воведуваат постепено, на почетокот поедноставните и полесните и тоа за одредени категории на корисници со поголеми производни капацитети.
Исто така во насока на „позеленување“ на политиките на поддршка, покрај веќе воспоставената политика од 30% дополнителни субвенции за органиските производители и покривање на трошоците за нивна сертфикација, за прв пат во 2014 година треба да се започне со пилотирање на агроеколошките мерки за дополнителни плаќања за македонските автохтоните раси праменка, буша и македонскиот овчарски пес шарпланинецот.      
Што се однесува до поддршката на малите земјоделци, реформата на европската политика оди не кон зголемување на поддршката, туку кон симплифицирање на начинот на реализација на оваа поддршка. Имено поддршката за малите земјоделски стопанства нема да зависи од мерките за кои аплицираат туку ќе им се доделува изедначен износ на средства за поддршка. Согласно петтогодишната Национална програма ваквиот начин на спроведување на политките кај нас е планирано да биде разгледан во периодот после 2017 година.         

Дали Македонија има сертифицирани агроеколошки производители и колку? Имаат ли проблем со пласманот?
Точно  е тоа дека Агро-еколошката поддршка е значајна  во Европската политика за рурален развој и е еден од главните инструменти за интегрирање на еколошките аспекти во земјоделската политика. Агро-еколошките плаќања придонесуваат за одржлив рурален развој со охрабрување и поддршка на еколошки одржливи земјоделски практики и системи. Заштитата на природното опкружување и на животната средина има сеопфатна цел за државата, социјална вредност која резултира со релативно добро зачувана и разнообразна животна средина.
Министерството веќе ја подготвува ИПАРД програмата за следниот период 2014-2020 во која планираме да ги вклучиме и агро-еколошките мерки. При подготовка на оваа програмата беа користени насоките дадени од страна на Европската Комисија во Упатството за подготовка и за спроведување на активностите поврзани со животната средина и природата.Согласно упатството, имплементацијата на мерката ќе има „пилот“ карактер. Врз основа на повеќе годишните анализи и препораки од домашни и странски експерти во првата фаза ќе опфатиме три групи на приоритетни мерки: заштита на биодиверзитетот преку зачувување на автохтоните раси на добиток и автохтони видови на растенија, Заштита на водата и почвата преку оддржливи методи на земјоделски активности и третата група е органското производство на градинарски и култивирани лековити и ароматични растенија.
Но, до акредитирањето на оваа мерка, односно до отворањето на можноста за користење на средствата од европските фондови,ние веќе неколку години спроведуваме национални мерки. На пример за земјоделските стопанства кои се наоѓаат во подрачја со ограничени можности, критериумите за добивање на финансиска поддршка се двојно помали,а за надомест на трошоците за номадско одгледување на овци, кози и говеда исплатуваме 80% од просечната месечна бруто плата во дејноста. Дополнителни директни плаќања има и за органско производство (сертифицирано или во преод) во висина од 30% од редовните субвенции.
Исто така морам да напомнам дека во 2013 година се работеше на подготовките на сите предуслови кои ќе овозможат примена на агроеколошките мерки. Во оваа прилика само ќе напомнам дека воведувањето на добрата земјоделска практика како услов за добивање на националните субвенции е и главен услови за  користење на агро-еколошките исплати од ИПАРД Програмата.

 

Каква е состојбата со земјоделската механизација како една од поболните точки на македонското земјоделство?
Состојбата со земјоделската механизација во Република Македонија претставува една од најслабите точки за практикување на современо земјоделство и зголемување на продуктивниста на фармите. После неколку годишни преговори со Европската комисија во 2013 година, за прв пат на македонските земјоделци им се овозможи и преку ИПАРД програмата 2007-2013 да можат да аплицираат за набавка на трактори на принципот на ко-финансирање. Интересот за набавка на трактори преку ИПАРД програмата на јавниот повик кој беше реализиран во периодот јули-септември 2013 година е многу голем. На овој јавен повик има вкупно 402 барања, што претставува половина од вкупниот досегашен број на барања кои биле доставени на претходните 7 јавни повици. Од вкупниот број на барања, како и досега, најголем интерес кај македонските земјоделци има за ко-финансирање на инвестиции во примарно земјоделско производство, а конкретно за примарна земјоделска механизација ( трактори) до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се доставени 180 барања.

Министерство интензивно го спроведува проектот за задругарството. Какви се резултатите на терен?
Во 2013 година донесовме два стратешки закони, за консолидација на земјоделското земјиште и за здружување на земјоделците во земјоделски задруги. Ова се исклучително важни законски решенија и проекти на Владата и на министерството за земјоделство.
Морам да истакнам дека на македонското земјоделство му е потребно окрупнување на земјоделските површини со цел, поекономично експлоатирање, односно обработување, намалување на производствените трошоци, зголемување на приносите, поквалитетни земјоделски производи, поголема заработувачка и повисоки откупни цени за производите.
По новиот за земјоделски задруги, досега се регистрирани седум задруги. Две се регистрирани по стариот Закон, а сега се пререгистрирани. Преку нив ќе успееме да ја зголемиме конкурентската моќ на земјоделците, намалување на трошоците во производството итн.

Колку ИПАРД барања има годинава и за што најмногу се трошат европските пари?
Од досегашното искуство со спроведување на ИПАРД програмата 2007-2013, најмногу интерес за користење на ЕУ поддршка има во примарното земјоделско производство, пред се во растителното производство. Додека пак најголема сума на ЕУ исплатени средства се за модернизација на преработувачки капацитети за овошје и зеленчук, потоа за модернизација на откупни центри и на трето место по искористеност на ЕУ средства се претпријатијата за производство на млеко и млечни производи. Реконструкција на објекти на земјоделските стопанства, набавка на приклучна механизација и машини и за системи за наводнување исто така, имаат значаен удел во трошење на ЕУ средствата.  
Во моментов, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, работи на изготвување на ИПАРД 2 програмата за периодот 2014-2020 година и се прават детални анализи и консултации со сите заинтересирани страни во земјоделското производство и преработувачката индустрија. Целта на ИПАРД 2 е да се подобрат постојните мерки од ИПАРД програмата 2007-2013, да се воведат нови и да се зголеми интересот и учеството на секторите млеко и месо во трошење на ЕУ средства.

Во 2014 година поддршката за земјоделството повторно ќе се зголеми. За кои мерки се предвидени најмногу субвенции и каква е досегашната реализација? Каде се најевидентни ефектите, а каде треба да се стимулира повеќе?
Поддршката за секторот продолжува во следниот период. Владата согласно Националната програма, за 2014 година предвиди дополнително зголемување на средствата за поддршка на нови 140 милиони евра. Најголемо зголемување е остварено кај износот на поддршка на мерките од политиката на рурален развој кој во 2014 година треба да изнесува нешто над 25 милиони евра. Покрај за веќе добро познатите и популарни мерки на покривање на половината од трошоците за инвестициите за набавка и обновување на земјоделска механизација и опрема, овие средства приоритетно ќе бидат насочени кон поддршка на инвестициите во руралната инфраструктура, во прв план подобрување и проширување на наводнувањето.
Поддршка на инвестициите во земјоделството ќе биде обезбедена и преку ИПАРД програмата, во која оваа година значително се подобрените услови за аплицирање што веќе овозможува многу поголема абсорбција на средствата во однос на изминатиот период.       
Најголем дел од средствата за поддршка како и изминатите години, или планирани 115 милиони евра, ќе бидат распределени како директни плаќања за поддршка на приходот на македонските земјоделски стопанства. Околу 60 проценти од нив се насочени кон конкурентните, извозно ориентирани земјоделски производи како што се: производството на тутун, зеленчук, овошје, овчарството и козарството, производството на грозје и вино, оризот, органско производство, пчеларство и за воведување на стандарди за квалитет. Остатокот е наменет за поддршка на производството на помалку конкрентните, но сепак многу значајни основните прехрамбени производи за населението во Република Македонија како што се житните култури, кравјото млеко, и поголемиот број на индустриски производи. Според нашите анализи без државна поддршка овие подсектори значително би го намалиле обемот на нивното производство. Всушност се работи за веќе добро познатите мерки на финансиска поддршка кои се воспоставени во изминатиот период како силна и стабилна потпора на која оваа влада и држава ги обезбедува за земјоделскиот и прехрамбен сектор.  
Што се однесува до реализацијата на мерките за финансиска поддршка може да кажеме дека и покрај неколкукратното пролонгирање на роковите за аплицирање за да им се излезе во пресрет на земјоделците, исплатата на средствата за финансиска поддршка се одвива во законски пропишаниот рок. Тоа е крајот на месец јуни наредната година, и тоа е начинот на кој функционираат системите на поддршка кај европските земји. Секако нашата цел е секаде каде што е можно да обезбедиме и подобри услови за нашите земјоделци, односно што побрза исплата на средствата и во текот на самата година, и во таа цел за 2014 година воведуваме одредени промени и во начинот на аплицирање. Поточно за растителното производство земјоделците треба да ги ажурираат своите капацитети во подрачните единици на министертвото најкасно до 15 март 2014 година. Сите промени настанати од последното поднесување на барањата треба да ги внесат во Единствениот регистер на земјоделски стопанства најкасно до овој датум. Врз основа на пресекот на овој ден ќе биде можно после тоа да се поднесуваат барањата. За следната година исто така правиме напори и за воведување на систем на исплата по мерки на поддршка во дефинирани временски периоди кога тие средства им се најпотребни на земјоделците. Ова сега е возможно затоа што во изминатиот период успешно се воведоа сите предвидени системи за администрирање и контрола на плаќањата.   
Ефектите на субвенционирањето се најевидентни кај извозно-ориентирани конкурентни производи со компаративна предност за кои постои побарувачка на надворешните пазари, а кои и сега го формираат јадрото на македонскиот земјоделско-прехрамбен извоз. Ароматичниот тутун моментално има најголем нето-извозен потенцијал од земјоделските култури со учество од 30% од вредноста на вкупниот извоз. Во делот на лозарството и винарство преку поддршката обезбедена од Владата имаме постојан тренд на подигање на нови лозови насади или обнова на старите, и се поголем извоз на квалитетно македонско вино на поголем број нови пазари надвор од веќе традиционалните ЕУ и државите од поранешна Југославија. Пониските трошоци за производство кои произлегуваат од расположливоста на пасишта, ефтината работна сила и традицијата на производство, го вбројуваат македонско јагнешко месо, овчо и козјо млеко и млечни производи како подсектори со голем и засега делумно искористен развоен потенцијал.  
Над 70% од вкупното производство на македонскиот свеж зеленчук, особено раноградинарски производи поради ценовната предност, но и преработките од зеленчук завршуваат на надворешните пазари. Од ова се остварува нето девизен прилив од околу 30 милиони евра од свеж зеленчук и уште околу 50 милиони евра од преработен зеленчук. Како резултат на поволните климатско-географски услови во преовладувачките ридско-планински делови на земјата, овошјето има значителни компаративни предности и постојан тренд на пораст во последниве години поради.
Како што напоменав, соодветна финансиска поддршка е обезбедена и за останатите производи, но овде зголемениот раст не е прашање на понатамошно зголемување на субвенциите, туку истиот зависи од различни структурни проблеми. Така житата и другите поледелски култури имаат мали приноси пред се поради помалку поволните услови за нивно производство во државата, како и малите парцели кои не дозволуваат примена на современи агротехнички мерки. Од друга страна без сопствено производство и ефтина добиточна храна тешко дека ќе може да се обезбеди раст на поголем дел од сточарското производство. Секако преку таргетираните мерки на финансиска поддршка, но и со другите политики како консолидација на земјиштето на пример, правиме напори за надминување или ублажување на овие пречки за зголемувањето на конкурентноста на овие производи.   

Министре, каде цените дека има најголем исчекор, во поледелството, градинарството, сточарството?

Од наведените, во секој случај во делот на градинарството како еден од најзначајните извозно ориентирани подсектори каде порастот на извозот е континуиран. Во земјоделскиот сектор во Македонија анализата на успешноста најчесто е невозможно да се направи на ниво на подсектор туку на ниво на производ. Така во последелскиот сектор успешни бизниси веројатно се можни во производството на ориз во однос на останатите култури, додека во сточарството тоа е одгледувањето на овци и кози, и говеда по системот крава теле поради помалите трошоци за добиточната храна.      

Што ќе им порачате на земјоделците за претстојната, 2014 година?
Се надевам дека и во следната година ќе се задржи трендот на зголемено земјоделско производство. Храната станува страгиски производ чија цена бележи се поголем раст. Впрочем, тоа се предвидувањата и на експертите од Обединетите нации и од ФАО. Производството на храна значи поголема самостојност на секоја држава, не само на економски план, туку и многу пошироко.
Македонија ги има сите предуслови, климатски, почвени и традиција во земјоделството, во примарното производство, но и во преработувачкиот дел особено, да го зголеми своето производство. Не случајно земјоделството е трет сектор во македонската економија.
Овој тренд ќе продолжи и во следните години и уште повеќе ќе се зајакне. Затоа е потребно повеќе да ги користиме нашите можности и компаративни предности во што пократок рок и во што поголема мера да го зголемиме и прошириме домашното производство на земјоделски производи, преработки и храна.
Решенијата за поголемо производство ги гледаме во политики кои ги имплементираме и со кои се става акцент на поддршка на конкурентните извозни сектори на кои се насочени  60% од сите директни плаќања. Понатаму обезбедуваме постојана поддршка на подобрување на додената вредност на овие производи (пример флаширано место наливно вино, и преработки наместо сурови проиводи) преку поддршка на инвестициите во нова и современа опрема и механизација со мерките за рурален развој, обезбедување поволни кредити и силна подршка на маркетингот.
Поддршката за секторот продолжува и во следниот период. Владата согласно Националната програма, за 2014 година предвиди дополнително зголемување на средствата за поддршка на нови 140 милиони евра. Најголемо зголемување е остварено кај износот на поддршка на мерките од политиката на рурален развој кој треба да изнесува 28 милиони евра. Овие средства ќе бидат насочени пред се кон поддршка на инвестициите на земјоделски стопанства и преработувачи, и особено за поддршка на руралната инфраструктура – во прв план подобрување на наводнувањето на земјоделските култури.
Од друга страна неопходно е да се подобри и неповолната структура на малите  стопанства кои се доминантни преку нивно здружување во кооперативи и започнување на политиките на окрупнување и консолидација на земјоделското земјиште.
Безбедноста на храната секако останува еден од нашите клучни приоритети. Во оваа област законски се регулирани највисоките европски стандарди со прилагодување на нашето законодавство со европското. Посебно внимание во следниот период ќе посветиме на доследна имплементација на овие одредби од страна на операторите, кои треба да ја искористат поддршката на инвестициите која ја даваме во нашите програми за да ги постигнат повисоките стандарди.