Министерот Димовски за Вечер: Развојот на аграрот мора да продолжи

Дата на објава: 
31 Декември 2013
_GIO3335.jpg

Колку 2013 година донесе важни промени во македонското земјоделство?

-Карактеристично за македонското земјоделство во 2013 година беа осцилациите во производството. Врз основа на информациите се обидовме да ги предвидиме состјобите на глобалниот и регионален пазар, а конјуктурата одеше во прилог на повеќето земјоделски производи карактеристични за Македонија.

Бројот на домашните потрошувачи претставува многу мал пазар во однос на вкупната количина земјоделско производство за кое е потребно да се обезбеди пласман на надворешните пазари, традиционалните, каде што македонските земјоделски производи се добро познати, но и на регионалните пазари, односно новите пазари кон кои ги насочивме активностите за поизразена промоција на нашите потенцијали. Сметам дека во овој правец постигнавме задоволителни резултати, но останува уште многу работа за поагресивно освојување на новите пазари особено во оние држави каде што не се чувствуваат последиците од кризата, пазари кои имаат голема абсорпциска моќ, но и во кои се повеќе се бара квалитет за понудените земјоделски производи. Оттаму, воопшто не треба да не изненадува зголемениот извоз на наши производи на пазарот на Руската Федерација или во Кина. Добар пример за тоа е македонското вино.

Истовремено се дојде до сознанието за сериозноста од последиците на глобалните климатски промени за што во изминатиот период во повеќе наврати потенциравме, дека е важен проблем за кој треба да се најде решение. Очекувано приносите кај одредени култури или оштетувања на родот беа најизразени кај житарките и оризот. Од тие причини во Министерството за земјоделство и Владата се поголемо внимание се посветува на системите за наводнување, нивна реконструкција, проширување на каналската мрежа или можноста за градење мали хидро акумулации за задоволување на потребите на земјоделските производители и обезбедување поголем принос на земјоделските култури.

Годинава што изминува ја одбележа скандалот со афлатоксининот во млекото и проблемот со откуп на пченицата. Колку брзо беа решени овие проблеми?

-Афлатоксинот беше не само регионален туку и поширок проблем. Меѓутоа македонското законодавство е прилагодено на законодавството на ЕУ и дозволеното ниво на афлатоксини во млекото кај нас како и во ЕУ е 0,05. Нашите служби вршеа редовни контроли на сточната храна и во самите млекари и немавме откриено зголемено количество на афлатоксини во домашното млеко. На состаноците кои итно ги одржувавме со министрите задолжени за земјоделство и храна од земјите од ЈИЕ дискутиравме за потребните мерки за контрола на нивото на афлатоксин во млекото и млечните производи и донесовме конкретни заклучоци. Да се воспостави комуникација помеѓу институциите на земјите од ЈИЕ кои се занимаваат со проценка на ризик, управување со ризик, контрола на квалитет и тестирање на добиточна храна и прехранбени производи. Потоа да се зголеми размената на информации во врска со механизмите за контрола на безбедноста на добиточната храна и прехранбени производи. Потоа завземање на заеднички став во превземање мерки и подготовка на акционен план за подобрување на комуникацијата и координацијата на нашите министерства. Земјите од ЈИЕ се согласија да обезбедат основа за контрола на афлатоксини во сточната храна и млеко и да ги следат постоечките граници утврдени со прописите на ЕУ. Исто така беше договорено да се воспостави детален систем на комуникација и размена на информации помеѓу релевантните институции од ЈИЕ и да се нагласи важноста на превземањето превентивни мерки кај производителите и преработувачите на храна вклучувајќи и воведување и примена на добри земјоделски практики, добри хигиенски и ветеринарни практики, вклучувајќи ги и ХАЦЦП принципите. Всушност еве денес на крајот од годината можам слободно да кажам дека Македонија на вистински начин се справи со кризата со афлатоксинот.

Колку пари за субвенции се предвидени во 2014 година и во која насока ќе биде најмногу насочена поддршката во земјоделството?

-И во следната година мерките на финансиска поддршка на земјоделците се структуирани да овозможат постигнување на клучната цел на економските политики на Владата, а тоа е подигање на конкурентноста на македонското земјоделско производство. Потврда за позитивните резултати во таа насока е континуирано зголемениот извоз во последниве години. За реализација на овие цели во следната година продолжува значителната поддршка на секторот и субвенционирање на аграрот, со поголем износ од нови 140 милиони евра наменети за земјоделството. Најголем дел од средствата, или планирани 115 милиони евра, ќе бидат распределени како директни плаќања за поддршка на приходот на македонските земјоделски стопанства, и тоа 60% насочени кон конкурентните и извозно ориентирани земјоделски производи како што се тутун, зеленчук, овошје, овчарството и козарството, производството на грозје и вино, оризот, органско производство, пчеларство и за воведување на стандарди за квалитет. Остатокот од директните плаќања ќе биде наменет за поддршка на производството на помалку конкрентните, но значајни основните прехрамбени производи за населението во  Македонија како што се житните култури, кравјото млеко, и поголемиот број на индустриски производи, кои без државна поддршка значително би го намалиле обемот на нивното производство. Останатиот дел од стредствата наменети за поддршка на земјоделците ќе се реализира преку програмата за рурален развој за кофинансирање на различните инвестиции потребни за модернизација и одржлив развој во земјоделството.  Така дури за нови 10 милиони евра е зголемен износот за поддршка на мерките за рурален развој во однос на измината година, и сега истиот изнесува 25 милиони евра.  Поддршка на инвестициите во земјоделството ќе биде обезбедена и преку ИПАРД програмата, во која оваа година значително се подобрените услови за аплицирање што веќе овозможува многу поголема абсорбција на средствата во однос на изминатиот период.

Какви се вашите предвидувања за 2014 година со оглед на тоа што годинава беа донесени неколку клучни законски решенија во аграрната политика како што се Законот за консолидација на земјодеслкото земјиште, Законот за земјоделски задруги и сл.?

-За следната година очекувам продолжување на порастот на земјоделското производство и стабилен откуп на земјоделските производи каква што состојба впрочем имавме и оваа година. После нормализирање на најголем дел од светските пазари на земјоделските производи како резултат на надминување на последиците од светската економска криза, извозот на конкурентните македонски земјоделски производи и нивните преработки треба да оди во понатамошна нагорна линија и по цени во најголем дел кои веројатно ќе бидат повисоки од досегашните. Во прилог на ова треба да оди и влегувањето во плодна зрелост на новите површини лозови и овошни насади кои во изминатиот период беа поддржани со средстава од програмите за финансиска поддршка, како и  новододелените 61.688ха на државно земјоделско земјиште на земјоделците во периодот од 2007 до сега .  Сепак растот на секторот е  лимитиран од структурните проблеми и ограничувања кои произлегуваат од малите и фрагментирани земјишни парцели, и како резултат на ова големиот број на мали земјоделски стопанства кои имаат ограничен производен капацитет. Нашите напори во следниот период се насочени  кон дополнителна поддршка на здружувањето на земјоделците во задруги и окрупнување односно консолидација на земјишните парцели што треба да почне да ја ублажува постоечката неповолна структура.

Заради тоа ги донесувме Законот за консолидација на земјоделското земјиште и на Законот за земјоделски задруги. Веќе се пререгистрирани, или се новорегистрирани вкупно 7 задруги, а интересот за нови е евидентен.

Од друга страна врз основа на Законот за консолидација на земјоделското земјиште во 2014 година планираме започнување на два поголеми прокети во државата, едниот кој вклучува доброволна размена на парцелите, и вториот кој покрај конолидацијата ќе има и компонента на инвестиција во руралната инфраструктура.

Во 2013 година започна да се реализира петгодишната програма за развој на земјодеслтвото. Проектирана е поддршка од 700 милиони евра. Како се одвиваат реформите во оваа насока?

-Петтогодишната програма за земјоделство и рурален развој за период од 2013 до 2017 година донесена од страна на Владата  во октомври 2013 година е прв документ од овој тип со кој за првпат за пет години во детали се дадени насоки како ќе се одвива финансиската поддршка за земјоделците. Тој во детали ги обработува и динамиката за алоцирање на средставта за поддршка до  2017 година според кој е планирано да бидат доделени вкупно 725 милиони евра субвенции. Поддршката за земјоделството и руралниот развој во државата почнувајќи од 2013 година, всушност се реализира согласно напишаното во овој документ.Така за 2013 година беа алоцирани 135 милиони евра, а во 2014 нови 140 милиони. Од 2015 до 2017 година овој износ ќе изнесува по 150 милиони евра годишно.

Посебен акцент е ставен на поддршката на капиталните инвестиции во земјоделството преку зголемување на буџетот за рурален развој кој од помалку од 10 милиони евра до 2012 година за следната 2014 достигнува околу 25 милиони евра на годишно ниво. Практично целото зголемување на средствата за поддршка ќе биде насочено кон поддршка на инвестициите на земјоделски стопанства, преработувачките капацитети и особено на подобрување на руралната инфраструктура, комунална, социјална и таа во поддршка на земјоделското производство, особено наводнувањето. Како новитет во Програмата се воведува и принципот на добри земјоделски и хигиенски пракси кои земјоделците треба задолжително да ги исполнат за да може да ги користат средствата за директни плаќања, а се однесуваат на задолжителна хемиска анализа на почвата, правилна употреба на ѓубрива и хемиски средства, соодветна обработка на земјиштето, задолжително користење сертифициран семенски и саден материјал, благосостојба на животните и други аспекти на заштита на животната средина од земјоделски активности.

Кое ниво очекувате да го достигне македонското земјоделство до 2017 година?

-Спроведувањето на Петтогодишната програмата за земјоделство и рурален развој за период од 2013 до 2017 година на земјоделците им нудистабилност и сигурност во  планирање на своето производство и особено на планирањето на идните инвестиции за развој на нивните стопанства и земјоделскиот сектор во целина. Сакам да сум реален оптимист дека до 2017 година македонското земјоделство ќе продолжи да оди по патот по кој се наоѓа на постепено реорганизирање и модернизација и зголемување на неговата конкрентност. Тоа поконкретно значи дека очекувам понатамошно зголемување на физичкиот обем и вредност на земјоделското производство и зголемен извоз.

Македонија станува се поголем и поконкурентен извозник на овошје и зеленчук. Извозот континуирано расте од година во година.Остварен ли е поголем прилив од извоз годинава, споредено со лани?

-Во периодот јануари-октомври 2013 е остварен извоз од 416 милиони евра, што преставува зголемување за 5,5%, во однос на периодот јануари- октомври 2012 кога е забележан извоз со вкупен износ од 394 милиони евра. Извозот на конкурентните македонски производи пред се тутунот, виното, овошјето, зеленчукот и јагнешкото во последниве неколку години бележи тренд на постојан годишен пораст. За оваа година очекуваме за прв пат истиот да изнесува околу пола милијада евра.  Радува фактот што ова се случува во многу сложени услови на меѓународните пазари предизвикано од влијанието на светската економска криза и рецесијата. Тоа значи дека конкурентноста на македонските земјоделски извозни производи на надворешните пазари и во вакви услови на намалена побарувачка е задржана и подобрена. Секако тука сериозна услога имаат субвенциите како дополнување на приходот на деловните субјекти кои и годинава која изминува и следната се во зголемен износ, но и другите мерки на поддршка на бизнист превземени од владата и министертвото.