Посета на министерот Димовски на откупни пунктови за тутун во Прилеп

Дата на објава: 
12 Декември 2013
prilep.JPG

Тутунот од годинашнава реколта се откупува, но нема да се толерира нереална процена на родот и отстапување од законот и мерилата за откуп, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски кој заедно со инспекторатот ги посети откупните пунктови во Прилепско.

Нема да се толерираат, како што рече, никакви процени и работа на откупните претпријатија надвор од законот.

- Тутунарите ќе ја имаат поддршката од Министерството и Владата и не сакаме да се повтори ситуацијата од пред неколку години, кога штета имаа само тутунарите преку намалување на откупната цена, потсети министерот Димовски.

Тој додаде дека годинашнава реколта е квалитетна и тешка околу 30.000 тони, а вреди преку 80 милиони евра.

- Тутунот е стратегиска култура и затоа мора да има ред во откупот. Државата си стои на зборот–субвенција од 60 денари за секој килограм откупен тутун. Но, мора да се откупува според законот и мерилата за откуп. Затоа земјоделскиот инспекторат перманентно ќе ја следи состојбата, истакна Димовски.

Според Румен Стаменов, директор на земјоделскиот инспекторат, инспекторите се постојано на терен.

- Работи и второстепената комисија до која се пријавуваат оспорени количества тутун за нова процена, а се изрекуваат и казни. Имавме и три дена затворен пункт. Досега сме изрекле два платни налога од по 5.000 евра или 10.000 евра за правните лица. Дополнително се казнети одговорните лица. Максимално сме ригорозни и нема да отстапиме, рече Стаменов.

Нема да дозволиме, истакна Стаменов, да им се дава лажна надеж на тутунопроизводителите, туку ќе има само реална процена.

Од Сојузот на тутунските здруженија апелираат тутунарите секое спорно ценење да го пријават за реално да се плати родот.

Прилепскиот комбинат вчера го почна откупот на четири, а од понеделник кога сите откупувачи законски ќе мора да ги отворат пунктовите, ќе купува од кооперантите уште на 15 пунктови.