Состанок на министерот Димовски со претставницитe на тутунопроизводителите и откупните претпријатија за тутун

Дата на објава: 
21 Ноември 2013
PB210064.JPG

Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски во рамки на подготвителните активности за претстојната откупна сезона на тутунот, денес, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одржа работен состанок со претставницитe на здруженијата на тутунопроизводителите од Република Македонија и откупните претпријатија за тутун.

На средбата беа опфатени повеќе теми поврзани со позитивните ефекти од досегашното субвенционирање за производството на тутун, очекуваниот род од годинешната берба, квалитетот на тутунот и темите поврзани со организираноста во пресрет на отпочнување на откупната сезона.

На средбата претставниците на тутунопроизводителите информираа за родот на тутун оваа година, изразија благодараност до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за досегашната поддршка истакнувајќи ја потребата од продолжување на досегашната комуникација во пресрет на откупната сезона. Тутунопроизводителите беа запознати со активностите кои министерството за земјоделство ги прави во пресрет на откупната сезона, со координацијата со останатите институции во насока на организираност и контрола на откупниот процес како и со интенцијата на министерството за земјоделство за градење на дијалог помеѓу тутунопроизводителите и претставниците на откупните компании.

Откупните компании, кои оваа година се десет на број информираа дека се спремни да ги откупат сите количини кои ги имаат договорено и целосно да се придржуваат до законските прописи.

Министерот Димовски ги повика претставниците на тутунопроизводителите максимално да се вклучат во процесот на подготовки на откупната сезона, за која, беше информирано дека ќе постои целосна координација помеѓу надлежните државни институции и засилени теренски контроли и комуникација со откупувачите и тутунопроизводителите.

Во тој контекст, од министерот Димовски беше побарано за секоја утврдена неправилност при откупот, тутунопроизводителите, веднаш да го информираат државниот инспекторат за земјоделство.

На средбата уште еднаш беше потенцирано дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе продолжи да биде поттикнувач во процесот на градење на дијалогот помеѓу тутунопроизводителите и претставниците на откупните претпријатија за тутун, како потреба која е во интерес и на двете страни.