Средба на министерот Димовски со италијанскиот амбасадор Белели

Дата на објава: 
8 Ноември 2013
80037.JPG

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, оствари прва официјална средба со новоименуваниот амбасадор на Република Италија во Република Македонија н.е. Ернесто Масимино Белели.

На средбата беше изразено задоволство од меѓусебните односи на двете земји кои бележат постојан напредок, бидејќи се втемелени на силни врски и пријателство меѓу двата народи. Италија која многу полага на земјоделството како еден од важните сектори во нејзината економија е заинтересирана за унапредување на бизнис релациите во земјоделско прехранбениот сектор во Република Македонија, а особено за директни инвестиции од страна на заинтересирани италјански фирми, истакна амбасадорот Белели. Дел од овие фирми се веќе запознаени со условите за инвестирање што ги нуди Владата на Република Македонија, во делот на доделување на земјоделско земјиште и изградба на капацитети, како и за останатите поволности за инвестирање. Од посебен интерес за италјанските компании е вложување во винскиот сектор, преку подигнување на лозови насади и изградба на дестилерии, како и во градинарскиот сектор, но постои голем интерес и за одгледување лешници бидејќи во Република Македонија постојат идеални услови за одгледување на оваа култура.

Заблагодарувајќи се на посетата, министерот Димовски истакна дека Република Македонија е отворена за соработка во земјоделско прехранбениот сектор, притоа ги појасни условите за инвестирање и издвои неколку аспекти од наш интерес: трансфер на современа технологија и знаење од Република Италија, инвестирање во примарно земјоделско производство и обработка на земјоделското земјиште, инвестиции за изградба на капацитети што ќе создадат  можности за нови вработувања.  Министерот Димовски укажа на потребата од помош за производство на ориз, имајќи предвид дека нашите производители долги години засадуваат италјанска сорта на ориз, но притоа не се води сметка за користење сертифициран семенски материјал што резултира со намалени приноси и послаб квалитет на производството. Во таа насока е потребна соодветна обука на производителите на ориз и листа на сертифициран семенски материјал со потекло од Италија. Амбасадорот Белели го увери министерот дека ова барање ќе биде проследено до надлежните служби  со цел се помогне во  надминување на овој проблем.

Амбасадорот Белели, го информираше министерот Димовски за можностите за настап на македонски фирми на саемот EXPO што ќе се одржи во Милано, Италија во текот на 2015-та година во времетраење од шест месеци, каде преку 133 земји го имаат најавено своето учество меѓу кои и земјите од регионот, кои ќе настапат заеднички во рамки на кластерско здружување. Овој настан се одржува на секои 5 годиние и претставува одлична можност за презентирање на земјата и нејзините потенцијали. Министерот Димовски се заблагодари за овие информации, притоа изразувајќи подготвеност да се разгледа сериозно можноста за заеднички настап на Република Македонија со другите балкански земји, првенствено заради поделба на трошоците за изнајмување изложбен простор.

На крајот од состанокот министерот Димовски и амбасадорот Белели, констатираа дека оваа средба е прва во низата средби што би се реализирале во иднина, бидејќи постои голем интерес во девете земји за унапредување на билатералната соработка во областа на земјоделството.