Министерот Димовски во посета на Водостопанство „Прилепско Поле“

Дата на објава: 
25 Септември 2013
photo.JPG

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски денеска направи увид на тековната работа на чистењето на големиот канал Блато во Прилепско.

- Ако населението од околните села е задоволно, мора да бидам и јас. Може да се гарантира дека нема да има поплавување ниту на земјоделските површини, ниту на селата. Следните 7-8 километри од каналот кои ги планира прилепското водостопанско претпријатие „Прилепско поле “ за чистење в година, треба да бидат ставени во програмата на министерството за да ги финансира. Програмата што ќе се изготви кон крајот на годинава ќе биде претставена пред владата за да се исчистат нови 140 километри од каналската мрежа во земјава, изјави министерот Димовски.

Тој информира дека годинава се исчистени 113 километри и вкупно досега, се исчистени околу 500 километри од примарната каналска мрежа во Македоноија.

Според него, искуството покажува дека иако има делови претходно исчистени, повторно мора по три години да се чистат поради отпад што жителите го исфрлаат.

Димовски со апел да се одржува каналската мрежа.

- Ќе треба да се зајакнат контролите колку се одржуваат исчистените канали. За тоа мора да се најде механизам, вели Димовски.

Министерот Димовски е задоволен од тоа како се одвива програмата за чистење на каналите, но има критични точки за кои е неопходен ангажман заедно со Министерството за животна средина, пред се во битолскиот дел на Пелагонија и околу Црна Река.

- Критични се петтиот и деветтиот канал во битолско каде како последица од годинашните дождови имаме оштетување на каналската мрежа и во тек се градежни работи. Мораме во соработска со Министерството за животна средина и со дирекцијата за заштита и спасување и со општините Битола, Новаци, Могила, да се чисти и коритото на Црна Река. Дефинирани се 30 ина километри, вели Димовски.

Според директорот на водостопанското претпријатие „Прилепско поле“ Гордана Тошеска, досега од каналот „Блато“ долг 23 километри се исчистени 8 километри во две години. Процесот продолжува в година, а во меѓувреме претпријатието со своја механизација помага и во чистењето на секундарните канали.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Димовски го поздрави како многу позитивно одвивањето веќе трета година на проектот ран откуп на тутун во кутии кој почнува од први октомври.

- Ова е трета година на проектот и веруваме дека е исправен и е на барање на самите откупувачи, согласно со тутунопроизводителите. Сметаме дека со раната фаза на откуп на тутунот, ќе се амортизира притисокот во редовниот откуп. Имаат интерес двете страни, ние немаме ништо против. Од проектираните 28.000 тони тутун оваа година, во раниот откуп треба да се преземат околу 6.000 тони, рече министерот Димовски.

Овие четири години, подвлече,  сметам дека ги изменаџиравме односите меѓу откупувачите и производителите, пред се, на начин да им одговара на тутунарите.

Димовски најави дека се подготвува националната програма за заштита на земјоделските површини од климатските промени, во соработка со Светската организација за храна (ФАО), а еден дел од таа заштита е обезбедување вода за наводнување.

- Министерствто ќе влезе сериозно во санација на целиот водостопански систем во земјава со одржување, проширување и изградба на нови акумулации. Во моментов е почната процедура за изградба на нови две големи хидроакумулации. Едната е во Кочани, бран на оризарска река за наводнување на нови 1.700 хекари, а другата е во гевгелиско, браната на река Коњско за наводнување на нови 4.500 хектари, но и за обезбедување пивка вода за населението во тие региони, појасни министерот.

Што се однесува на проширувањето на системот, посочи, ќе се градат мини хидроакумулации за потребите на земјоделците.

- Македонија, за жал е подложна на климатските промени. Ние сме една од петте најизложени земји, а еден од трите региони е Пелагонискиот.Ангажирана е управата за водостопанство, а се вклучени и надлежни институции од Турција, изјави министерот Димовски.