Средба на министерот Димовски со претставници на Долниот дом на Руската државна дума

Дата на објава: 
16 Септември 2013
555.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, заедно со амбасадорот на Република Македонија во Русија, Илија Исајловски и Директорот на Агенцијата за храна и ветерина, Дејан Рунтевски,  денеска во Русија оддржаа состанок со претставници на Долниот дом на Руската државна дума предводени од Роман Кудјаков, ополномоштен претставник на политичката партија на Либерална демократска партија на Русија за меѓународни односи, Кирил Черкасов, прв заменик на претседателот на комтетот за земјоделство и Иван Абрамов, член на комтетот за регионална политика и за прашањата поврзани со Северен и Далечен Исток.

Средбата беше во функција на унапредување на парламентарната соработка преку конкретни проекти во областа на земјоделството.

Акцент беше ставен на можностите за либерализација на трговскиот режим за земјоделските производи. Во овој контекст соговорниците изразија интерес за зголемување на обемот на трговска соработка меѓу двете земји преку доделување на преференцијали - како прв чекор кон либерализацијата на трговските односи, зголемување на обемот на инвестициите во земјоделството, продлабочување на соработката во рамките на Светската трговска организација и во тој контекст размена на искуства во делот на  реформите во земјоделството.

Во функција на конкретна реалзиција на наведеното, соговорниците се договорија за формирање на македонско-руска парламентарна работна група за унапредување на трговската соработка, а во која на предлог на руската страна  би членувале и истакнати бизнисмени.

Домаќините најавија посета на Република Македонија до крајот на оваа година на руска парламентарна делегација од редовите на Либерална демократската партија на Русија придружувана од група на истакнати руски бизнисмени со цел подробно информирање за инвестицискиот потенцијал во делот на земјоделството, како и восопоставување на директни контакти за извоз на земјоделски производи за потребите на рускиот пазар.

На средбата беше искажан интерес за унапредување на соработката меѓу Македонија и Амурскиот регон , кој се наоѓа на Далечниот исток на Руската Федерација, во однос пренесување на искуставата и знаењата за технологии на производство на земјоделски производи, добра земјоделска пракса и добри агро технички мерки, како и за производство на семенски материјал и сл.

Министерот Димовски на своите домаќини им се заблагодари за средбата и ги повика руските компании да дојдат во Република Македонија за поблиску да се запознаат со условите и можностите за инвестирање во македонскиот земјоделски сектор.

Исто така министерот Димовски утре ќе го посети македонскиот штанд на Саемот за свежо овошје и зеленчук  Светот на храната, каде ќе се сретне со македонските изложувачи на саемот.