Работен состанок на министерот Димовски со работната група за реализација на инвестицијата на Сахара Груп во Македонија

Дата на објава: 
15 Јули 2013
P7150120.JPG

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, денеска одржа работен состанок со работната група за реализација на инвестицијата на Сахара Груп во Македонија за Џумајлија. На состанокот освен претставници од Сахара Груп и експертот за земјоделско производство од Холандија, Јан Петер Девреиз, ангажиран од Сахара Груп, присуствуваа и директорот на Дирекцијата за технолошко, индустриски развојни зони, Виктор Мизо, директорот и заменик директорот на Агенцијата за храна и ветерина, Дејан Рунтевски и Абдулезел Догани, директорот на институтот за анимална технологија при ФЗНХ, проф.д-р Драгослав Коцевски, професор од Факултетот за ветерина, проф.д-р Дејан Јанкуловски и претставници од министерството за земјоделство.

 

На состанокот беше детално разработен планот на идните активности кои треба да се превземат од страна на Сахара Груп согласно договорот за инвестирање, и беа  дефинирани деталите на инстиуционалната поддршка за нивно спроведување. Пред министерот Димовски беа презентирани информациите од започнатите теренски активности на Сахара Груп и овластена геодетска компанија во насока на воведување во владение на земјоделското земјиште. Во текот на денешниот ден, продолжуваат активности на увид на предметните површини од страна на претставниците од Сахара Груп и геодетската компанија со преставници од секторот за земјишна политика при Министерството за земјоделство.

 

Во текот на оваа недела е планирана работна средба на експертско ниво во Агенцијата за храна и ветерина на која ќе се дефинираат чекорите во делот на обезбедување на условите од политиките на заштита на здравјето на житвотните и безбедноста на храната насочени пред се кон увозот и одгледувањето на говедата.