Продолжува обуката на македонските земјоделци од израелски експерти за подобрување на постбербените активности

Дата на објава: 
25 Јуни 2013
DF7E6D3BDCEBA0C70B9637F91029AB32.jpg

Поголемо образование, помош од науката и поддршка од државата, се трите клучни фактори неопходни за подобрување на постбербените активности во македонското земјоделство.

 

Како што порачуваат израелските експерти, во целиот процес на усовршување на земјоделските практики мора да се вклучи и бизнис секторот. Квалитетот на свежото овошје и зеленчук не само што ќе го подобри пласманот дома, туку ќе овозможи и етаблирање на надворешните пазари.

 

- Слабости има во делот на калибрирањето, сместувањето, разладувањето, пакувањето... Експертите тоа го воочија. За поквалитетни постбербени активности ни е потребен посеопфатен пристап, нивните сугестиите се во тој правец, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по денешната средба со експертите.

 

Според Елазар Фалик, шеф на  Институтот за технологии и чување земјоделски производи „Волкано“, кој петти пат доаѓа во земјава, не мора да се почне веднаш со примена на висока технологија.

 

- Понекогаш ниската технологија е поважна од високата за подобрување на практиките во постбербениот период. Сепак, мора да се почне со нешто, истакна Фалик.

 

Тој изрази надеж дека во Македонија за многу краток период ќе се постигне бараниот висок квалитет на свежите производи но, секогаш, нагласи, може да се стори уште повеќе. Дури и во Израел, каде што нивото во овој сегмент е многу високо, има простор да се подобрат постбербените активности.

 

Брет Хиксон од израелското министерство за земјоделство ја истакна потребата од соработка на сите засегнати страни. Владата, рече, има витална улога, но во процесот мора да се вклучи и приватниот сектор.

 

- Извозот и позиционирањето на македонските производи надвор мора да се постигне, а подобрувањето на квалитетот и стандардизирањето се единствениот начин, потенцира Хиксон.

 

Експертите од Израел по средбата со министерот заминаа на состанок со професорите од Факултетот за земјоделски науки и храна. Утре ќе одржат и стручно предавање.

 

Македонско-израелскиот проект за унапредување на нашиот аграр трае една година. Фокусот е ставен на произведувањето семе и саден материјал од зеленчукови растенија. Дел од веќе раелизираните активности е т.н. демо фарма во Свети Николе. Следува изградба на ист таков објект во Тетово.

 

Македонија досега во повеќе наврати ја посетија израелски експерти за наводнување, педологија, заштита на растенијата, одгледување оранжерии