- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Означен завршетокот на АгБиз програмата на УСАИДДата на објава: 10 Јуни 2013Креирање на 637 нови работни места и обезбедување на дополнителен приход за преку 42.400 рурални домаќинства во Македонија, како и развивање на 35 нови производи во изминатите шест години овозможи АгБиз програмата на УСАИД чие официјално затворање беше означено денеска. Целта на Програмата беше да се зголеми економскиот раст на Македонија преку проширено и еколошки одржливо производство и продажба на земјоделски производи со додадена вредност и оспособување на производителите и преработувачите да се конкурентни на регионално и глобално ниво. Придонесе за зголемување на извозот на македонските земјоделски производи за над 14 милиони долари, на вкупната продажба за повеќе од 19, и на вредноста на откупената суровина од мали производители за над 9 милиони долари. Преку Програмата беа обезбедени обуки за 7.688 индивидуалци, директна техничка помош за 372 агробизниси, 34 организации на производители и пет здруженија. Покрај тоа, обезбеди и директен пристап до финансии за 43 микро, мали и средни претпријатија кои добија повеќе од 9 милиони долари во кредити. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски истакна дека АгБиз програмата покажала најсеопфатна поддршка за земјоделскиот сектор во Македонија кога станува збор за зајакнување на продуктивноста и конкурентноста на извозните пазари, како и за легислативата, вклучувајќи ги стратегиските документи за планирање на политиките. - Преку специфичната поделеност на компоненетите на АгБиз се постигнаа многу одржливи резултати за самиот бизнис, но и за креирање на услови за подобрување на агробизнисот во Македонија. Како Министерство добивме голема поддршка и како партнери бевме континуирано вклучени во многубројните активности кои ни помогнаа да зајакнеме, но и да ги одржуваме врските со приватниот сектор во иднина, рече министерот Димовски. Тој посочи дека конкуренцијата на меѓународните пазари е многу голема и оти тоа претствува голем предизвик за македонскиот агро-сектор. - Во изминатите шест години се направи многу за да се зајакнат капацитетите на земјоделците, преработувачите и извозниците. Земјоделскиот сектор недвосмислено се здоби со поголема конкурентност за што голема заслуга има програмата АгБиз, почнувајќи од подобрувањето на примарното производство преку договорните односи за откуп, преработка и извоз на земјоделските производи како најзначајна алка во целиот процес, рече министерот Димовски. Заблагодарувајќи се за досега реализираните проекти со УСАИД, министерот Димовски рече дека се надева дека ќе се изнајде начин за да се продолжи соработката. Американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс во своето обраќање на официјалното затвoрање на Програмата посочи дека силно ги поддржуваат напорите на Македонија за реформи во земјоделството и за зајакнување на неговата конкуреннтност на европските пазари. - Преку АгБиз програмата на УСАИД овозможивме агробизнисите да го идентификуваат, разберат и да го оддржат влезот на европските пазари за прехранбени производи со додадена вредност. Ние градевме доверба и ги јакневме врските меѓу производителите, преработувачите и трговците. Го подобривме деловното управување и помогнавме во имплементацијата на стандардите за безбедност на храна, рече Волерс. Тој нагласи дека сите што биле во Македонија добро знаат дека има најдобро и највкусно овошје и зеленчук во светот, но, додаде, дека тоа не е доволно само по себе за конкурентност на домашниот и на светските пазари. - Со помош на АгБиз ги оспособивме локалните агробизниси да ги разберат и да влезат на странските пазари со производи со додадена вредност, прецизира Воелрс и додаде дека очекува да продолжи континуираниот развој на земјоделството во Македонија. |