- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Министерот Димовски на јавна расправа за Предлог-законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственостДата на објава: 16 Мај 2013Продажбата на државното земјоделско земјиште ќе го раздвижи капиталот во Македонија, оцени денеска министерот Љупчо Димовски. Ваквиот потег што по иницијатива на земјоделците веќе се преточува во закон, ќе значи, напомена, зголемување на приносите и на вкупното производство. И стопанствениците кои учествуваа на јавната расправа по овој владин предлог, се согласни дека од приватизацијата на површините бенефитот ќе биде повеќекратен. Ќе се срушат сите бариери, пред се идеолошки, и ќе се создадат предуслови за сериозно агропроизводство. - Сопственото е најсигурно. Оттука, ако се вложи сопствен капитал, ќе се води сметка за целосна обработка на површините со користење современи агротехнички мерки и модерна механизација. Тоа, пак, ќе значи зголемување на приносите и на вкупното производство, рече министерот Димовски. Според Предлог законот кој е веќе изготвен и се разгледува од Агросоветот за евентуални корекции и подобрувања, државното земјоделско земјиште не ќе може да се продава без согласност на концесионерот независно колкав е периодот на закупот. Концесионерот, исто така, ќе има предност при купувањето во однос на останатите купувачи кои аплицирале на јавниот оглас. Цената на земјиштето ќе ја утврдува Бирото за судски вештачења по претходна проценка на стручни лица кои ќе дадат предлог за почетна цена. - Секој земјоделец ќе може да учествува на огласот доколку ги исполнува условите предвидени со законот. За поголемите површини ќе се бара, како досега, доставување бизнис план и број на лица кои е планирано да се вработат, како и банкарска гаранција како сигурност дека програмата ќе биде целосно реализирана, објасни министерот. Агробизнис комората при Сојузот на стопанските комори смета дека од продажбата на земјиштето и државата ќе го најде својот интерес преку данокот на промет и на доход. - Ова е темелна, базична реформа што заслужува поддршка од сите страни. Ќе им обезбеди сигурност на оние што произведуваат, купување и продавање на земјиштето, давање под хипотека која, пак, е предуслов да се инвестира, што ќе значи и зголемување на производството, изјави Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис комората. Од петте компоненти кои се пракса во земјите членки на ЕУ за распределба на земјиштето, Македонија досега има реализирано четири, распределба без надомест, на пократок рок и на подолг временски период со концесија, за едногодишни култури до 15 години, а за повеќегодишни до 30, односно 50 години. Останува да се спроведе и петата продажба на државното земјоделско земјиште, што веќе даде исклучително позитивни резултати во Словенија, Хрватска, Бугарија, Унгарија, Словачка, Чешка. Од вкупното земјоделско земјиште околу 60 отсто е во приватна сопственост, а останатите 40 проценти или 200.000 хектари се во сопственост на државата. Од нив до 2006 година се поделени 95.000 хектари, а од 2006 до 2013 година уште дополнителни 65.000 хектари. За распределба остануваат околу 20.000 од кои 7.000 се без правни оптоварувања. Според министерот Димовски, секоја сугестија за дополнување и измена на Предлог законот за продажба на државното земјоделско земјиште ќе биде разгледан максимално сериозно и доколку навистина постојат оправдани причини, ќе биде прифатена и вградена во текстот. Се уште е рано да се прецизира кога ќе биде објавен првиот оглас за продажба на државното земјоделско земјиште. Праксата, пак, треба да покаже колку се навистина земјоделците подготвени да го купат земјиштето. Засега има и позитивни и негативни проценки. Се очекува интересот да биде најголем во поразвиените региони каде што производството е интензивно. |