- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Работна средба на министерот Димовски со претставници на земјоделцитеДата на објава: 9 Мај 2013До октомври годинава ќе се исчистат 104 километри каналска мрежа од кои најголем дел се во пелагонискиот регион, а останатите 24 на територијата на цела држава. Како што најави денеска министерот Љупчо Димовски, ќе се чисти и коритото на реката Црна, вкупно 25 километри во Битолско, за што е надлежна Дирекцијата за заштита и спасување. Акцискиот план е веќе изготвен, а активностите почнуваат веднаш штом се намали нивото на водите. - Во периодот што следи, веднаш по смирувањето на хидролошката ситуација, почнуваме со интезивно чистење на предвидените каналски правци. Планираните 104 километри се реално изводливи и цениме дека ќе ги завршиме до крајот на септември или почетокот на октомври, изјави министерот Димовски по работната средба со претседателите на Сојузот на земјоделците и на Аоцисјацијата на земјоделци, Вељо Тантаров и Евтим Шаклев. Лани, рече, беа исчистени 72 километра каналска мрежа, а во изминатите 6-7 години околу 400 километри. - Исчистени се најкритичните каналски правци. Но, има земјоделци кои не се доволно совесни и често се случува дел од каналите за релативно краток период, две до три години, повторно да ги чистиме. Други, пак, кај што се самите насипи, се уништени од неодговорни лица кои го земаат материјалот за други цели, а не за она за што е наменет, за каналскиот систем, посочи министерот. Во врска со државната поддршка што, исто така, беше една од темите на состанокот, министерот Димовски напомена дека веќе се направени извесни поместувања во исплатата со цел да им се излезе во пресрет на земјоделците, да ги земат средствата кога им се најпотребни. - Исплатата ќе се усогласи со потребите на земјоделците, ќе има поместување нанапред, не подоцна што секако ќе зависи од кондицијата на Буџетот која во овој период е добра. По Нова Година стартувавме со поголема динамика на исплата за да се задоволат барањата и очекувањата на производителите. Но, ќе треба да се направи соодветен план за исплата по мерка, односно тогаш кога субвенциите се најпотребни за земјоделците и покрај утврдениот законски рок зашто секогаш е најдобро нивната реализација да оди кога е најкорисна, нагласи министерот. Земјоделците од Пелагониско се согласни дека е неопходно да се забрза чистењето на каналите особено за да не дојде до излевање на Црна и поплавување на површините. Тие годинава, како што го информира министерот, очекуваат повеќе жито од лани, со добар квалитет. Бараат скоро седнување на заедничка маса со преработувачите за да се договрат околу откупот, исплатата и повторното воведување на мерката за заштита на домашното производство. Цената за килограм пченица, велат, не треба да биде пониска од 15 денари. Во текот на разговорите кои се вид подготовка за претстојната седница на Агросоветот, е отворено и прашањето за изградба на патишта до пасиштата и поила за добитокот. Плаќањето на водниот надомест исто така беше една од темите. Наскоро ќе биде објавен огласот за давање во закуп 850 хектари државно земјоделско земјиште кое ќе може да се користи исклучиво за производство на сточна храна. Со ова, како што изјави министерот Димовски, им се излегува во пресрет на сточарите и се реализира нивното дамнешно барање. - Веќе ги извршивме потребните законски измени, обезбедивме соодветно земјиште и за релативно кратко време ќе излеземе со оглас на кој ќе може да се јават фармерите. Бенефит очекуваме уште оваа година, рече министерот Димовски. За нас е особено важно, додаде, да се зголеми производството на добиточна храна со оглед дека сме увозно зависни и имаме проблеми од овој аспект во секторот. Тоа е во интерес не само на одгледувачите на добиток, туку и на целата држава. |