Договорното производство во вредносниот синџир за преработка на зеленчук

Дата на објава: 
25 Април 2013
P4250040.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска се обрати на промоцијата на резултатите од спроведувањето на активноста за поддршка на Договорното производство во вредносниот синџир за преработка на зеленчук, која треба да овозможи подобрување на конкурентноста на земјоделскиот сектор и стабилизирање на приходите на земјоделците.

Во рамките на АгБиз програмата, финансиранa од страна на УСАИД во соработка со консултантката фирма МЦГ, Фондација-Агроцентар за едукација (АЦЕ), Федерацијата на фармери на Македонија (ФФРМ) и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од април 2012 до април 2013 беше реализирана проектната активност „Имплементација на договорното производство“ наменета за вредносниот синџир за преработка на зеленчук.

- Оваа активност има за цел зајакнување на вертикалната интеграција на вредносниот синџир за преработка на зеленчук преку заедничко планирање на зеленчуковото производство и преработка на начин на кој ќе обезбедaт постабилни приноси и квалитет на производите и посигурни приходи за договорните страни, рече министерот Димовски.

Тој информира дека македонското градинарско производство и преработувачката индустрија постигнуваат континуиран пораст и во количините и во вредноста на производството и извозот во изминатите години. Сепак, како што рече, овој пораст е ограничен од хроничните проблеми на организиран пласман на градинарските производи и нивен изедначен квалитет, како и недостиг на количини со ист квалитет на суровини за преработувачката индустрија.

- Препознавајќи ја важноста на овој сегмент, својата посветеност во поддршка на интегриран развој на вредносните синџири, Министерството за земјоделство ја потврдува преку носење и доследно спроведување на законски и подзаконски одредби кои го регулираат договорното производство и неговото доследно имплементирање. Со цел зајакнување на меѓусебната директна соработка меѓу преработувачката индустрија и нивните кооперанти, добавувачи на потребните суровини за преработка, Министерството, веќе неколку години во годишните програми за директна поддршка вклучува и дополнителни субвенции за количините на зеленчук предадени во преработувачките капацитети, рече министерот Димовски.

Во процесот на спроведување на оваа активност беа опфатени селектирани претпријатија – преработувачи на зеленчук и членки на Македонското здружение на преработувачи (МАП) и преку 700 земјоделци, нивни кооперанти. Нивната меѓусебна соработка беше поддржана од тимови на технички лица, експерти за производство и заштита и одговорни за пратење на процесот на спроведување на договорите.

- Преку воведување дополнителна поддршка на земјоделски советници, Министерството за земјоделство верува дека ќе даде дополнителен поттик за понатамошно ширење на овој пристап на поблиска соработка меѓу земјоделците и преработувачката индустрија, истакна министерот Димовски.

Министерството за земјоделство почна со активности за реализација на кампањата „Договореното е најсигурно“. Во моментов се врши изработка на рекламниот материјал за реализација на кампањата, која наскоро треба да почне.