Министерот Димовски ја пушти во употреба демо фармата за семе и саден материјал во Средното земјоделско училиште во Свети Николе

Дата на објава: 
24 Април 2013
 Николе.jpg

Поголеми приноси во градинарството преку производство на квалитетен семенски и посадочен материјал. Ова е целта на изградбата на демонстративната фарма во Свети Николе во средното земјоделско училиште која денес свечено ја пушти во употреба министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски. Изградена е со помош на Израелската влада во соработка со македонското министерство за земјоделство. Таа ќе претставува модел за организирање на производство на високо квалитетни градинарски производи.

Република Македонија и Израел како пријателски земји остваруваат одлични односи на меѓусебна соработка која последниве години бележи напредок во областа на земјоделството, преку отпочнување на проекти за техничка поддршка, пренос на современа израелска технологија, производствени практики, трансфер на знаење и искуства, како и специјализирани обуки и други форми на соработка меѓу надлежните институции од двете земји, кои се дефинирани во Аранжманот за соработка во областа на земјоделството, кој беше склучен во април 2012 година во Израел.

- Демо фармата поседува најсовремена опрема за наводнување на семенскиот и посадочен материјал. Таа е предвидено да прерасне во центар за обука на сите кои се занимаваат со градинарско производство – изјави министерот Димовски на денешното пуштање во употреба на демо фармата во Свети Николе.

Според Ефи Бен Метањаху, директор на проекти во  МАШАВ освен обука за производство на семенски материјал, израелските експерти, во Република Македонија ќе одржуваат предавања за соодветна примена на ѓубрива, наводнување и подготовка на почвата за садење

Овој Проект се смета за многу важен бидејќи овозможува специјализирана обука на терен за самите земјоделски производители, за да произведуваат високо квалитетен семенски и саден материјал отпорен на очекуваните климатски влијанија и истиот да ги исполнува сите потребни стандарди за сертификација. Покрај земјоделците, ќе бидат обучени и советниците од Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството, подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, земјоделските инспектори и учениците од средното земјоделско училиште, кои преку практична настава полесно ќе ги совладаат теоретските знаења.

 

Како дел од предвидената програма за обука на Проектот се и специјализирани курсеви за: наводнување, соодветна примена на ѓубрива, подготовка на почва за садење, фитосанитарни мерки, управување со целокупниот производствен процес од семе до производ, вклучително и постбербените активности.

 

Активностите на Проектот од израелска страна ги координира експертот Ѓора Теслер кој престојува во период од три години во Република Македонија, преку тесна соработка со надлежните управи и сектори во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Одредени подготвителни активности за подигнување на демонстративна фарма се реализирани и во средното земјоделско училиште во Тетово, каде што се планира поставување на истиот модел на организирање на производството на градинарски култури, што ќе прерасне во втор современ центар во западниот дел од Македонија.