Усвоена заедничка декларација на земјите членки на Централно Европската Инцијатива

Дата на објава: 
16 Април 2013
6614.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Љупчо Димовски, присуствуваше на Министерскиот состанок на земјите членки на Централно Европската Инцијатива.

Централно европската иницијатива – ЦЕИ е меѓувладин форум кој ја промовира политичката, економската и културната соработка меѓу нејзините земји членки и нејзината основна мисија е регионалната соработка за европска интеграција. Вкупно 18 земји членки се во ЦЕИ од кои, Македонија, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Молдавија, Словачка, Чешка, Полска, Австрија, Унгарија и други.

Оваа година претседателството на ЦЕИ е во Унгарија, каде што министрите и водачите на делегации за земјоделството и животната средина во земјите на ЦЕИ се сретнаа и дискутираа за актуелни прашања во три меѓусебно поврзани области: одржливо земјоделство, безбедност на храна и обезбедување храна и животна средина во која може да се живее.

Имајќи ја предвид важноста на зелениот и руралниот развој во остварувањето на заедничките цели на земјите на ЦЕИ, и нагласувајќи ја нивната подготвеност за придонес во одржливиот развој на европскиот регион, министрите и водачите на делегации на земјите на ЦЕИ на крајот на министерскиот состанок донесоа Заедничка декларација со која се согласија за следното: дека економските, еколошките и социјалните димензии на одржливоста мора да се појавуват во секојдневната пракса и мора да преовладуваат во целото земјоделското производство и во агробизнисот.

Се нагласи дека теоретскиот пристап и практичната примена на одржливоста мора да се изгради врз предвидлива рамнотежа на економските, еколошките и социјалните аспекти. Ова исто така значи дека одговорноста треба да се дели еднакво и праведно во временскиот и географскиот ообем, помеѓу генерациите на производители и потрошувачи во глобалните региони.

 

Потоа се согласија да соработуваат во областа на истражувањето на одржливото земјоделство и производство на храна и да го споделат своето знаење, со цел конзистентно и во синергија да одговорат на предизвиците за користењето на ресурсите на ефикасен начин.

Се потврди дека производството на храна и преработката на храна имаат големо значење во Централна Европа, дека тоа е основа за обезбедување на доволна количина на квалитетна безбедна храна за населението и се нагласи дека е од витално значење да се поттикне одржливото производство и потрошувачка на храна, заради оптимално искористување на ресурсите кои се намалуваат. Со цел да помогне овој процес, земјите на ЦЕИ соработуваат во споделување на добри практики во оваа област и создавање и споделување на колективна база на знаења.

Во врска со преработката на храна, министрите заклучија дека приоритет е да се зголеми уделот на прехранбени производи кои претставуваат голема додадена вредност и да се зајакне нивната продажба со скратување на синџирите за снабдување со храна.

Се изрази важноста на локалните/традиционални знаења, кои се вкоренети во долготрајни традиции и практики на локалните заедници и кои ја заокружуваат посебноста на овие заедници, што е важен придонес за развојот на економиите и Се согласија  дека локалното производство е од клучно значење во обезбедувањето на храна и исхрана за сите и за развој на зелената економија, вклучувајќи го одржливото земјоделство. Тоа особено може да им помогне на локалните земјоделци во руралните области, со што ќе се ревитализира животот во руралните средини, како ѝ малите и средните претпријатија, каде што креативноста и имплементација на иновации - во комбинација со употребата на локалното знаење и локалните ресурси - можат да го зголемат бизнисот. Потрошувачката на локални производи значи намалување на потребите од транспорт, пониски трошоци за енергенси и загадување; затоа, исто така е од суштинско значење да се промовираат нови модели на потрошувачка.

Исто така се нагласи дека развојот на технологии за енергенси кои претставуваат алтернатива на енергенсите кои содржат јаглерод, врз основа на локалните извори на енергија, како што се: геотермалната енергија, сончевата енергија, ветерот и биомасата, не се важни само заради намалувањето на емисиите, туку, исто така, за да создаваат економски можности за земјите. Воведувањето на генерации на технологии за алтернативни обновливи извори на енергија со мал капацитет на локално ниво ја намалува енергетската зависност и зелената економија има големи потенцијали за ублажување на климатските промени. Треба да се развиваат и дистрибуираат технологии за заштеда на ресурси (вода, енергија, итн). Треба да се наградуваат технологиите за пошумување и врзување на јаглерод диоксидот во почвата.

 

За крај како последен заклучок од заедничката декларација се нагласи дека образованието на секое ниво е од клучно значење за да се прошири знаењето за одржливо користење на ресурсите и одржливиот начин на живот во целина. Таквото образование треба да стане дел и од општата, специјализираната и професионалната програма. Неодржливите практики, како што се прекумерната потрошувачка на природните ресурси, загадувањето на животната средина и деградацијата на природните живеалишта, го загрозуваат квалитетот на животот на сегашните и идните генерации. Секој поединец има морална обврска да направи свесен избор за секоја одлука, за да се обезбеди животната средина во која ќе може да се живее, и која ќе има  безбедна и здрава заедничка иднина.

Со усвојувањето на заедничката декларација земјите на Централно европската иницијатива се обврзаа да ја продлабочат регионалната соработка преку спроведување на конкретни проекти за одржлив развој. Претседателството со Централно европската иницијатива за наредната година го превзема Австрија.