Дата на објава:
1 Март 2013Министерот Димовски го отвори форумот на Меѓународниот совет за дивеч и дивиот свет
Во Македонија веќе заживува т.н. високоловен туризам. Преземените активни мерки за негов развој ги даваат очекуваните резултати. Се повеќе странци ја посетуваат земјата со намера да уловат див јарец или дива свиња, но особено атрактивен е прелетниот дивеч.
- Со воведување најдобри практики, Република Македонија има за цел да го задржи националното богатство, дивечот, овозможувајќи побрз напредок на руралните средини и преку туризмот, промоција на нејзините природни убавини и културни вредности, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, отворајќи го форумот на Меѓународниот совет за дивеч и дивиот свет.
Во земјава има 256 ловишта. Од вкупно 130 видови определени како дивеч согласно Законот за ловство, под трајна заштита се 83, со ловостој се заштитени 33 видови, додека без заштита се 14 видови. Уште 139 видови диви птици се трајно заштитени со правилник.
Со цел унапредување на ловството, посочи Димовски, голема важност се дава на предвидување мерки и активности за одгледување на дивечот преку обезбедување услови за опстанок, храна, вода, засолништа и мир во ловиштето, одржување нормална бројна состојба, подигање и одржување ловнотехнички објекти во ловиштето.
- Законот за ловство само дополнително ги зајакна законските одредби за управување со дивечот, особено мерките за нивна заштита преку воведување трајна забрана за ловење определени видови, генерален систем за заштита и трговија, систем на дозволи за ловење, ловостој, забрана за ловење на начин и со средства со кои дивечот масовно се уништува, ноќно време, за време на поплави, големи снегови, непогоди и пожар, со стапици, мамки и други средства за мамење, отрови..., предвидување исклучоци за застрел поради евентуална појава на болести, регулирање на внесувањето алохтони видови, истакна министерот.
Како што изјави Војо Гоговски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, последните 10 години интензивно се работи на развој на ловниот туризам. Резултатите се повеќе од очигледни. Девизниот прилив влегува во Буџетот преку концесиите, а дел од планираниот годишен застрел се реализира исклучиво преку висок комерцијален лов од странски ловци.
Цените на ловечките трофеи се берзански. Од некои видови, како дивокозата, може да се продадат за 3.000 до 12.000 евра.
На форумот што ќе трае два дена, во фокусот е дебатата за заштита на балканскиот рис.
Рисот во Македонија е трајно заштитен. Казните за негово ловење се од 15.000 до 30.000 евра. Последниот застрел кој бил ненамерен, од незнаење, е евидентиран пред 10 години.
- Рисот живее во северозападниот дел на Македонија, бара исклучителен мир, густи шуми, екосистем кој со сигурност нуди храна. Кај нас се регистрирани повеќе од 80, но со мерките за заштита, бројката ќе се зголеми, а ќе се прошири и реонот што ова животно природно го населува, нагласи Гоговски.
Форумот на кој учествуваат околу 70 експерти од 15 земји, го организираат Интернационалниот совет за заштита на дивиот свет и дивечот (Си-Ај-Си), ЈП за управување и заштита на повеќенаменското подрачје Јасен и Македонското еколошко друштво.