Со турска помош до подобро оризопроизводство

Дата на објава: 
22 Февруари 2012
jpg

Развој на нови високопродуктивни сорти ориз за унапредување на квалитетот, зголемување на приходот и подобрување на пласманот и маркетингот е целта на проектот што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го спроведува во наредните две години со техничка помош на турската Агенција за соработка и координација (ТИКА).

Имплементацијата на планираните активности, чиј фокус ќе биде ставен на употреба на модерна технологија во производството, индустријата и дистрибуцијата, како и на обука на експертите и земјоделците, ќе почне во кочанскиот регион.

Како што беше истакнато на денешната промоција, целни групи на проектот, освен стручњаците и производителите се и здруженијата, кооперациите, инвеститорите и потрошувачите.

- Македонското Министерство за земјоделство оваа година за потребите на проектот ќе треба да утврди 20 водечки производители кои имаат на располагање по 1 хектар земјоделско земјиште со исклучиво црвен ориз. На секој ќе му се дадат по 200 килограми семенски материјал од вкупно обезбедените 4 тони, рече Махмут Чевик од ТИКА во презентацијата.

За 2014 година е планирано од вкупно 30 тони оригинален сертифициран семенски материјал, 4 тони да се поделат на производителите со цел да се запознаат со нови видови и тест-производство, а 26 тони да се искористат за производство на семенски материјал за тестирање и демонстрација во текот на тие 12 месеци.

Според Чевик, неопходно е Министерството и Институтот за истражување ориз во Кочани да обезбедат и 2 хектара земјоделско земјиште  необработено најмалку 2 години, 4 декари земјиште покрај пат и 6 декари во експерименталните полиња за тестирање на новите сорти.

Меѓу сортите ориз што турската Агенција ги претстави пред присутните беа високопродуктивните гонен, халилбеи и кизилтан и гала.

Минатата година во Македонија приносот на ориз бележи опаѓање од околу 20 отсто во споредба со 2011 и 12 проценти поголемо кршење на оризовата арпа, интензивно се зголемува присуството на дивиот црвен ориз, а од вкупно добиениот род засаден на 4.800 хектари половината е извезена надвор од земјава.

Покрај намалувањето на квалитетот, добиениот плод на декар е околу 550 килограми што е многу пониско според параметрите на земјите од Европската унија.

Врз основа на договорените активности за 2013 година изготвен е протокол за соработка меѓу ТИКА и Министерството за земјоделство чие претстојно потпишување ќе биде основа за реализација на проектот за развој на производството и квалитетот на оризот.

Во последните 10 години производството на ориз на Турција го надминува европското производство.