Министерот Димовски го отвори вториот Фестивал за органска храна во Скопје

Дата на објава: 
16 Декември 2012
organic.jpg

Производители на органска храна, преработувачи и трговци со органски земјоделски производи се претставуваат на Вториот Фестивал за органска храна, што се одржува денеска во трговскиот центар Скопје сити мол, во организација на Град Скопје и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Целта на фестивалот е да се промовира органската храна и органското земјоделство како важен, перспективен дел на одржливото производство, како и здравиот начин на исхрана.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски пред изложувачите на фестивалот истакна дека Македонија има голем потенцијал за развој и унапредување на органското земјоделско производство и укажа на поддршката од Владата во изминатите шест години во таа област. Од 2007 година кога беа издвоени 11 милиони денари од Буџетот за финансиска поддршка на органското производство, во 2011 година 110 милиони денари, а за оваа година предвидовме нови 130 милиони денари за финансиска поддршка за органските фармери и сите останати субјекти вклучени во системот на органското производство, рече Димовски.

Висината на финансиската поддршка, појасни, секогаш ја одредуваме во согласност со потребите на производителите чиј што број, од една страна секоја година континуирано се зголемува, а од друга страна поголемиот број органски производители, разбирајќи ја полезноста од органскиот начин на производство ги прошируваат своите производствени капацитети.

Наспроти 150 органски производители евидентирани во 2007 година, лани нивнкиот  број достигна  780. Позитивен факт, истакна Димовски, е што производството на органска храна во Македонија стана препознатливо земјоделско производство и сè подостапно за граѓаните.

Според Димовски, производните површини сертифицирани за органско производство континуирано се прошируваат. Во 2007. регистриравме 714 хектари сертифицирано обработливо земјиште под органско производство, а во 2008. околу 1.000 хектари. Во следниот период сертифицираните површини само за една година се зголемени повеќе од три пати, односно од околу 1.400 хектари во 2009. на 5.225 хектари во 2010., а минатата година се зголемија на 6.581 хектари. Доколку кон овие податоци се додадат повеќе од 250.000 хектари површини сертифицирани за собирање самоникнати шумски растенија и плодови ќе се заклучи дека Македонија има голем потенцијал за развој и унапредување на органското земјоделско производство, рече министерот.

Тој укажа и дека површините под житни култури постојано се зголемуваат, а особено во последните три години, што е доказ оти органското земјоделско производство станува се поактуелно за македонските земјоделци.

Министерот за земјоделство порача дека за поголем развој на органското производство на храна се важни и активностите за промоција на вредноста и значењето на органската храна.

- Верувам дека оваа манифестација ќе продолжи и во наредните години и ќе претставува мжност за обединување на сите вклучени субјекти и поддржувачи на одржливото органско производство,  на здравата и безбедна храна, во интерес на здравјето на сегашните и сите идни генерации, нагласи министерот Димовски.

На важноста од промоција и подигање на свеста за предностите на органската храна укажуваат и производителите. Според нив, органското производство се уште не е многу исплатливо, бидејќи граѓаните не знаат да направат разлика помеѓу органското и конвенционалното  производство. - Меѓутоа, ние сме упорни и мора да бидеме упорни. На вакви манифестации во контакт со потрошувачите се прават напори да се едуцираат граѓаните да прават разлика. Тука очигледно и кризата си го порави своето. Сепак органскиот  производ во секој случај мора да има додадена вредност и разлика во цената во однос на конвенционалното.Но,  се надеваме дека ќе се исплати и затоа ќе бидеме упорни да произведуваме вакви производи и да ги пласираме, изјави Менде Трајковски, производител од битолскиот дел на Мариово.