- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Министерот Димовски го посети капацитетот за преработка на костен „ДРА-ГО“ во КичевоДата на објава: 29 Ноември 2012Ретко на која домашна трпеза не се нашол познатиот и признат по квалитет македонски костен. Неговото одгледување има многу позитивни страни, долговечен е, достигнува и над 500 години старост, има одлична родност, мал број природни непријатели (болести и штетници), а доколку се одгледува во поволни еколошки услови не мора да се третира со никакви заштитни средства, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски при денешната посета на стопанскиот капацитет за преработка на костен „ДРА-ГО“ во Кичево.
Оваа благородна овошка, додаде тој, освен на македонскиот пазар, се пласира и во странство. Компаниите кои ги откупуваат костените ги пласираат главно во Романија, Бугарија и Италија, каде што се користат пред се во кондиторската индустрија. Лани државата на вкупно 63 одгледувачи на костен им исплати 2,5 милиони денари поддршка. Годинашните субвенции за хектар јаткасти овошни култури, вклучувајќи и новоподигнати насади костен, изнесуваат 50.000 денари, а за постоечките површини под ореви, бадеми, лешници и костени се 15.000 истакна министерот. Според него, Македонија моментно располага со 139 хектари култивиран костен. Одгледувањето на оваа култура, која има низа позитивни карактеристики, носи и добра заработувачка.
Преработувачкиот капацитет во Кичево, единствен од ваков тип на поширокиот простор на Балканот, е сопственост на Гоце Миладиноски. Тој, како што изјави, дел од преработките извезува, главно во Унгарија, а од другиот дел прави костеново брашно. Како суровина најмногу користи костени од Македонија кои ги откупува од четирите пункта, во реонот на Тетово-Гостивар, во Бродско, Дебарско и Кичевско. - Капацитетот на објектот е 1.000 килограми на час. Годинава ќе преработиме околу 800 тони свеж костен. Моментно имаме 350 тони од кои направивме 60 - 70 тони готов производ. Првиот извоз е реализиран пред една недела, а наредниот е закажан за понеделник. Со костени се снабдуваме од домашно производство, но и увезуваме, засега само од Грција. Преговараме и со Албанија, а може ќе почнеме увоз и од Турција, рече Миладиноски. |