Пекабеско отвори нов производствено-логистички центар за месо и сувомеснати производи

Дата на објава: 
17 Ноември 2012
 1.jpg

Компанијата Пекабеско денеска го пушти во употреба новиот производствено-логистички центар за производство на месни и сувомеснати производи.

Вкупната инвестиција е 13 милиони евра, од кои 9,5 милиони се обезбедени преку кредит од  Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Македонската банка за поддршка на развојот, а останатите се сопствени средства на компанијата.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски истакна дека центарот е изграден по сите европски и ХАСАП  стандарди за производство на сувомесни производи.

- Фабриката има капацитет за производство од 35 тони на ден, конфекционирање на свежо месо, производство на паштети, складирање  и расекување на свежо месо, пакување на смрзната риба, пакување на смрзнат зеленчук и овошје и магацини со 7.000 палетни места на сите режими на лагерување. За сето ова да се постигне ќе бидат потребни најмалку 30 тони свежо или замрзнато месо како суровина дневно, рече министерот Димовски.

Овој капацитет со своето работење, како што нагласи, претставува заокружување на ланецот во нашето примарно земјоделско растително и сточарско производство и преку преработката финализација во производството на прехрамбените производи.

- Пекабеско е одличен пример и потврда на градењето политики на Владата, која во својата посветеност и во програмските цели и приоритети особено внимание посветува токму на земјоделскиот сектор кој покрива голем дел од територијата на државата и игра клучна улога во одредувањето на состојбата на руралната економија. Тоа може да се види од подршката на Владата што им ја дава на македонските земјоделци преку Програмата за поддршка, повеќе од седум милијарди денари со Програмата за финансиска пддршка во земјоделството и над 600 милиони денари преку Програмата за финансиска поддршка за рурален равој за 2012 година, но и преку можноста за повлекување европски средства преку ИПА програмата, додаде министерот.

Тој информира дека на барање на месната индустрија Владата предложила пакет измени на ИПАРД програмата пред Европската комисија при што во иднина ќе се кофинансираат инвестиции во делот на градежи зафати и опрема, прилагодување и модернизација на производството и воведување иновативни технологии и нови производни линии, набавка за опрема за пдобрување и модернизација на производните технологии за преработка, пакување и маркетинг...

Директорот на Пекабеско, Слободан Кутревски истакна дека во компанијата има 310 вработени, во тек е оглас за 50 нови работни места, а кога ќе го достигне својот полн капацитет, ќе бидат вработени дополнителни 200 луѓе.

- Обејктот е направен по сите техничко-технолошки стандарди. Технолошкото решение за изградба на објектот го направи швајцарска компанија запазувајќи ги сите европски нормативи и стандарди во производство и дистрибуција за центарот да добие и европски извозен број, посочи Кутревски.

Компанијата, додаде, покрај на македонскиот присуствува и на пазарите во Босна и Херцеговина, Црна Гора,  Косово и Србија.

Инвестицијата на Пекабеско, според градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски, е една од поголемите во општината. Тоа, додаде, значи многу за локалниот економски развој, намалување на невработеноста во општината и ќе придонесе за подобрување на условите за живеење.