Министерот Димовски се сретна со индиски бизнисмени

Дата на објава: 
28 Септември 2012
P9280018.JPG

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски денес се сретна со претставници од мултинационална компанија од Индија, која се занимава со преработка на земјоделски производи. Во Македонија се дојдени за поблиску  да  се запознаат со дел од бизнис заедницата која се занимава со преработка на земјоделски производи и можностите за откуп и извоз на нивното производство.

 

Министерот Димовски истакна дека Македонија е солиден произведувач на земјоделски производи. Бележиме континуиран пораст на производството и извозот на земјоделски производи. Поради поволните климатски и почвени услови, истакна министерот Димовски, во Македонија за разлика од другите земји во регионот се произведуваат раноградинарски производи кои се препознатливи и на Европските пазари, а тоа пред се се должи на строгата фитосанитарна контрола и на употребата на современи агротехнолошки мерки. Нашата земја е голем произведувач на домати, кромид, јаболка, праски, кајсии и цреши, производи кои во најголем дел се извезуваат на пазарите на ЕУ, а во последните неколку години и на Рускиот пазар каде се бележи огромно зголемување на извозот.

 

Гостите изразија благодарност до министерот Димовски за средбата и за исцрпните информации за состојбите и можностите на македонското земјоделство и изразија подготвеност доколку најдат заеднички интерес со компаниите од преработувачката индустрија повторно да ја посетат нашата земја за склучување на конкретни договори.