- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Пуштена во употреба новата зграда на Министерството за земјоделствоДата на објава: 8 Септември 2012По повод Денот на независноста на Република Македонија - 8 Септември денеска е пуштена во употреба новата зграда на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во објектот со 9 илјади метри квадратни корисна површина ќе се сместат вкупно 467 лица, од кои 366 вработени во Министерството и 101 од Агенцијата за храна и ветеринарство. Проектот вреден 4,3 милиони евра е реализиран за две години. Како што беше речено на отворањето со преселувањето на сите сектори и органи од МЗШВ на единствена локација ќе се зајакне административниот и управувачкиот капацитет на институцијата, ќе се обезбедат услови за ефикасно функционирање и квалитетно и навремено извршување на обврските. - Големите празници се одбележуваат со големи настани. Што една генерација ќе остави зад себе е нејзин избор. Ние избравме да работиме посветено, одговорно, упорно и макотрпно, избравме да инвестираме во сите области на општеството и нашето живеење, да вложуваме за нашите граѓани. Ние оставаме дела со кои ќе се гордеат граѓаните. Тие се нашиот најголем мотив, истакна премиерот Никола Груевски пред пуштањето на новата зграда. Министерството за земјодлество, напомена Груевски, дваесет години немаше свој објект, а оваа Влада го изгради за само две. - Инвестирањето во нови објекти кои би ги задоволиле просторните и инфраструктурни потреби на институциите и потребите на нашите граѓани кои ги користат услугите, се наша заедничка заложба и од голем државен интерес. Нема повеќе да се губи време, ниту енергија. Нема повеќе да се оди од место на место. Граѓаните ќе можат да си ги завршат сите обврски на едно место, потенцира премиерот. Владата, додаде, уште еднаш покажа дека и во овие услови на криза му дава несебична поддршка на градежништвото. Наместо да се отпуштаат, во овој сектор, еден од носечките на македонската економија, се бараат работници. - Сите што работеа на овој објект но и огромен број други луѓе кои директно или индиректно се поврзани со проектите за изградба на новите државни институции, на патиштата, на станбените комплекси, на водоводите и канализациите, на болниците, на спортските сали, на фудбалските игралишта, сите тие обезбедуваат егзистенција за своите семејства. Тоа јасно ја потврдува исправноста на нашите политики и дополнително не стимулира да продолжиме со почнатите, но и со други, нови проекти, нагласи Груевски. Според министерот за земјоделство Љупчо Димовски, новиот објект е изграден од квалитетни материјали, по европски стандарди. Капацитетот на зградата, нејзината работна површина од речиси 5 илјади метри квадратни и вредноста на вградената градежна опрема во однос на потрошените 4,3 милиони евра, или 481 евро по метар квадратен, покажува исклучителна рационалност и економичност во трошењето. - Граѓаните, посебно земјоделците кои имаат најгоелма потреба од Министерството ќе добијат навремено, ефикасно и брзо завршување на нивните барања. Досега се случуваше по неколку пати на ден да одат од една до друга зграда за да го најдат секторот што им е потребен , да губат време и пари додека ја завршат работат. Сега е веќе поинаку, рече Димовски. Изградбата на новата зграда на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е реализирана во рамки на Проектот за зајакнување на земјоделството и пристап кон ЕУ, со финансиска поддршка на Владата и на Светска банка. На пуштањето во употреба на новата зграда присуствуваа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и в.д. директорот на Канцеларијата на Светска банка во Скопје, Денис Бошковски. |