СДСМ со лаги и измислици за субвенциите уште еднаш покажа дека ги дели земјоделците, потврдија Димовски и Коњановски

Дата на објава: 
5 Септември 2012
2.jpg

Груби лаги и невистини, измислици и конструкции беа изречени на вчерашната надзорна расправа во македонското Собрание. Опозициските пратеници зборуваа се, но најмалку вистина, посочија денеска на прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и заменикот министер Зоран Коњановски.

Тие изнесоа документи како писмена потврда дека се што беше кажано во врска со конкретни случаи, не кореспондира со реалноста.

Фирмата „Агро Оморани“ сама побарала раскинување на договорот за закуп со кој добила 3,5 хектари земјоделско земјиште и воопшто не поднела барање, ниту добила средства од програмите за финансиска поддршка наспроти тврдењето на Ленче Николовска, пратеник и претседател на собраниската Комисија за земјоделство, дека овој правен субјект земал субвенции и 12 парцели.

- Се што беше речено во однос на овој предмет е лага и класично замајување на јавноста со невистини за кои само опозицијата знае зошто ги пласира, рече министерот Димовски, додавајќи дека на тој начин се нанесува штета не само на Министерството и на неговата работа, туку најмногу на земјоделците.

Лага е, додаде заменик-министерот Коњановски, и вчерашната информација на пратеникот Јани Макрадули дека студенти по фармација и обновливи извори добиле земјоделско земјиште.

- Милева Антонија од село Крупиште, Карбинци, евидентирана во регистарот на земјоделски стопанства и Љупчо Јованов од истото село, регистриран како индивидуален земјоделец, како и Далибор Пешев, регистриран земјоделец, се понудувачите кои ги исполниле условите од јавниот оглас и се избрани за најповолни. Како граѓанин ќе бев среќен ако СДСМ, наместо лаги, одлучеше барем еден отсто од својата енергија да насочи кон подобрување на состојбите во земјоделството, напомена Коњановски.

СДСМ, рече, со вчерашната расправа уште еднаш покажа дека земјоделците ги дели на подобни и неподобни, на припадници на една или на друга политичка партија.

- Од расправата граѓаните можеа да видат со каков капацитет и дрскост располагаат дел од пратениците на СДСМ, рече Коњановски.

Министерот Димовски се надоврза дека на вчерашната надзорна расправа невистина беше и информацијата за наводно лошата состојба на лозарите кои во 2007 година добиле многу повеќе пари за грозјето во однос на лани.

- Беше речено дека во 2007 година винарските визби исплатиле 874 милиони денари или 15 милиони евра што е многу повеќе од исплатата во 2011 година. Но, Државниот инспекторат за земјоделство, кој е надлежен за оваа проблематика, веднаш, уште денеска, ги анализираше сите исплати на лани откупеното грозје од 64 субјекти во винарскиот сектор. Резултатот е следен, 1,1 милијарда денари се исплатени за откупот на грозје во 2011 или 17,95 милиони евра, што е далеку повеќе од седумте милиони што ги посочи пратеникот вчера, осврнувајќи се на околностите во кои работат индивидуалните производители, потенцира Димовски.

Одговорајќи на новинарско прашање, министерот рече дека нема да поднесе тужба зашто тоа не е можно, зашто лагите, објасни, биле изнесени од пратеник на собраниска говорница.

Тој најави дека сите предмети спомнати вчера за кои опозициските пратеници не доставија ниту еден документ, туку само усно ги образложија, ќе бидат детално анализирани. Целта е, подвлече, јавноста да знае дека се зборуваше се, само не вистина.

На прес-конференцијата присуствуваше и поранешниот косопственик на спомнатата фирма „Агро Оморани“ Данилчо Василевски. Тој лично потврди дека добил од државата 3,5 хектари земјоделско земјиште, но поради проблем со жителите на селото кои не сакале да му дозволат одгледување ореви, побарал раскинување на договорот за закуп. Воедно, рече, фирмата воопшто не поднела барање за субвенции.