СООПШТЕНИЕ

Дата на објава: 
3 Август 2012

Согласно измените на Законот за земјоделското земјиште  се овозможува легализација на бесправно изградени објекти и тоа: оранжерии, помошни објекти и објекти за примарна обработка на земјоделски производи кои се изградени до 14 февруари 2011 година.

Постапката за легализација се спроведува преку единиците на локалната самоуправа на чие подрачје се изградени објектите.

Заинтересираните лица барањата за легализација може да ги поднесат во рок од 12 месеци сметано од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 

Како подносители на барање може да бидат:

-  физички лица - државјани на Република Македонија,

-  правни лица регистрирани во Централниот регистар на

Република Македонија и институции кои се иматели на

бесправните објекти

- странски правни и физички лица можат да бидат баратели,

доколку ги исполнуваат условите за стекнување на право

на сопственост утврдени со Законот за сопственост и други

стварни права.

 

Кон барањето се доставува следната документација:

- уверение за државјанство или копија од лична карта за домашно физичко лице, односно копија од патна исправа за странско физичко лице, а за домашно и странско правно лице извод од Централниот регистар на Република Македонија, односно од соодветната институција во државата во која странското правно лице има седиште,

- доказ за приклучок на комунална инфраструктура и/или сметки за јавни услуги (струја, вода итн.), а доколку бесправниот објект нема инфраструктурни приклучоци, изјава заверена на нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди дека бесправниот објект е изграден пред 14 февруари 2011 година и

- геодетски елаборат за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект со имотен лист за земјиштето на кое е изграден бесправниот објект.

 

Доколку помошниот објект, оранжерија или објектот за примарна обработка на земјоделски производи бесправно се изградени на земјоделско земјиште кое не е сопственост на барателот, односно земјиштето е сопственост на Република Македонија, или на друго физичко или правно лице, барателот покрај напред цитираната документација е должен да достави и договор за закуп или користење на земјиштето склучен со сопственикот на земјиштето во времетраење од најмалку 15 години односно пет години за земјоделско земјиште во сопственост на Република Македонија под култура пасишта и изјава за согласност од сопственикот на земјиштетето заверена на Нотар доколку земјиштето е во приватна сопственост.

Доколку е поднесено барање за бесправно изграден објект на земјоделско земјиште во сопственост на Република Македонија а за кое барателот нема склучено договор за закуп, должен е да поднесе барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за доделување на користење на земјиштето на кој е изграден бесправниот објект.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по секое поднесено барање од страна на единиците на локалната самоуправа издава согласност за потврдување на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште во зависност од видот на објектот, од големината на површината на земјоделското земјиште со кое располага имателот, од број на објекти во иста катастарска општина,  и постоечката соодветна патна, комунална и електрична инфраструктура.